11 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека во предметот за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе бидат ангажирани вкупно петнаесет јавни обвинители. Судскиот процес, како што информира, ќе започне следната недела.
Коцевски објасни дека истрагата за полициските службеници поврзана со настанот требало да заврши до крајот на септември, но поради објективни околности и потребата од дополнителни сослушувања на сведоци, јавната обвинителска одлука се очекува на почетокот на наредниот месец.
„Поради потребата од целосно расветлување на случајот, имаше одредени доцнења во сослушувањето на сведоци. Очекуваме наскоро да се донесе обвинителска одлука,“ изјави Коцевски.
Во однос на предистрагата за службениците на Управата за јавни приходи (УЈП), тој потврди дека постапката се води во Основното јавно обвинителство во Кочани. „Надлежниот обвинител има дадено конкретни напатствија и наредби за преземање на одредени процесни дејствија. Во овој момент не можеме да споделиме повеќе информации,“ додаде Коцевски.
Обвинителството, според него, е целосно подготвено за почетокот на судењето. Тимот кој досега го застапувал предметот ќе продолжи со работа, а дополнителни обвинители ќе бидат ангажирани за да не се наруши текот на другите тековни предмети.
„Имавме состанок и најверојатно ќе ангажираме уште неколку обвинители за да обезбедиме континуитет на процесот. Не е нужно сите обвинители постојано да бидат присутни, но секогаш ќе има доволен број за да не се одлага судењето,“ истакна Коцевски пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Со вклучувањето на новите обвинители, бројот на оние кои ќе постапуваат по предметот за пожарот во „Пулс“ ќе достигне околу 15 јавни обвинители. Коцевски изрази уверување дека обвинителството е подготвено и дека нема да има пречки за непречено одвивање на судскиот процес.
Денес ја славиме Света Анастасија – жената што не се уплаши ни од меч ни од маки
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

