Закани по живот на судија во Гостивар – Обвинителството покрена обвинение
Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинителен предлог против едно лице кое се сомничи за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ согласно член 144 став 4 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик.
Настанот се случил на 29 април во селото Вруток, каде обвинетиот се заканил дека ќе го нападне судијата од Основниот суд во Гостивар. Заканите биле упатени поради професионалните обврски кои судијата ги извршувал во рамки на својата должност. Според обвинението, обвинетиот влегол во дворот на семејната куќа на судијата, го прашал дали го познава и веднаш потоа почнал да упатува закани по неговиот живот и телото, повикувајќи се на наводна судска постапка.
Заканите биле изречени со висок тон, по што обвинетиот го напуштил местото на настанот.
Со оглед на сериозноста на заканите и нивната насоченост кон службено лице во вршење на должноста, јавниот обвинител предложи продолжување на веќе изречената мерка притвор за обвинетото лице.