27 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во своето вечерно обраќање порача дека Русија треба да ги почувствува санкциите толку силно, што ќе изгуби секаква можност и мотивација да продолжи со војната. Според него, санкцискиот притисок веќе носи резултати, но е потребно уште поголемо дејствување.
„Имаше презентација на важни разузнавачки извештаи. Службата за надворешно разузнавање ја прикажа ефикасноста на санкциите против Русија и против лицата поврзани со неа. Економските загуби на непријателот се навистина чувствителни, и ќе станат уште поосетни. Сакам да им се заблагодарам на сите во светот кои ни помагаат. Сега е моментот да извршиме притисок врз Русија – таков притисок што следната година да нема војна“, истакна Зеленски.
Тој додаде дека санкциите треба сериозно да го ограничат капацитетот на Русија да води војна и дека Кремљ мора да разбере оти нема да може долгорочно да издржи.
Зеленски извести дека имал разговори и со Главната управа за разузнавање, како и дека украинската дипломатија активно комуницира со меѓународните партнери. Тој дал насоки до секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана поактивно да обезбедува надворешно финансирање за набавка на беспилотни летала (дронови). Исто така, го задолжил и министерот за одбрана и другите функционери да ги проверат сите договори со партнерите – особено оние кои не се исполнуваат целосно, иако би требало.
Иако на Москва ѝ се наметнати бројни санкции, нивното целосно дејство врз руската економија сè уште не е доволно силно. Се истакнува дека Русија наоѓа начини да ги заобиколи санкциите, како преку нови трговски партнери кои ги заменуваат западните фирми, така и преку продолжување на извозот на нафта, дизел и гас кон Европа. Дополнително, САД имаат издадено бројни дозволи за увоз на руски производи, вклучувајќи вештачки ѓубрива и нуклеарно гориво.
Украина инсистира дека доколку светот сака вистински да го запре агресорот, неопходно е поцврсто, поорганизирано и доследно спроведување на санкциите – се додека Русија не остане без капацитет за војна.
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација