01 мај 2026
• од Гоце Кически
Агенцијата за национална безбедност реализираше координирана антитерористичка акција во врска со обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница во Скопје, при што беа идентификувани осомничени лица, нивна логистичка мрежа и повеќе локации поврзани со случајот.
Според официјалните информации, АНБ во рамки на своите надлежности презела оперативно-технички и аналитички мерки со цел утврдување на мотивите и непосредните извршители. Во текот на истрагата биле прибрани релевантни податоци што довеле до идентификација на лица за кои постои сомнение дека се дел од радикална групација, идеолошки поврзана со глобалната мрежа на Исламска држава. Овие структури, како што наведуваат од АНБ, започнале со насилни активности непосредно по јавниот повик на оваа терористичка организација од почетокот на април.
Во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР), на 30 април 2026 година била спроведена акција за лишување од слобода на повеќе лица, како и претреси на објекти на територија на Скопје. Целта на акцијата, според надлежните, е обезбедување докази за кривичен прогон и спречување на идни активности на потенцијалната терористичка мрежа.
АНБ соопшти дека останува посветена на превентивно делување и навремено неутрализирање на заканите по националната безбедност, преку координација со домашните институции и меѓународните партнери.
Овој случај доаѓа во контекст на претходни информации што нашиот медиум ги објави минатиот месец, а кои укажуваат на можна поврзаност на слични инциденти со проирански структури.
Имено, бугарскиот Телеграм канал „De re Militari“ објави дека новоформираната организација „Харакат Асхаб ал-Јамин ал-Исламија“ (HAYI) е под сериозна истрага поради сомнежи за врски со Иран и вмешаност во серија антисемитски напади низ Европа. Според тие наводи, групата презела одговорност за повеќе инциденти во март и април, вклучително и палење на синагога и објект на Еврејската заедница во Скопје за време на велигденскиот викенд.
Аналитичарите ја опишуваат „Харакат Асхаб ал-Јамин“ како потенцијална „прикривачка група“, односно структура што може да служи како параван за други организации. Дополнително, се посочува дека во одредени случаи групата користи локални криминални мрежи или поединци поврзани со проирански организации за извршување на насилни акции, како палежи и вандализам.
Бугарија и бугарскиот народ го одбележуваат Априлското востание и неговото наследство
Трамп најави укинување на тарифите за виски по посетата на британскиот крал и кралица
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

