26 јули 2026
• од Темелко Тошев
Иако бројот на граѓани кои првпат бараат лекарска помош бележи благ пад, Гостивар е далеку од враќање во нормалното секојдневие. Околу 4.000 лица досега се евидентирани со здравствени тегоби, а водата од градскиот водовод и натаму е строга забранета – не само за пиење, туку и за техничка употреба.
Во град каде што отворањето на чешмата стана сериозен здравствен ризик, падот на дневниот број на пациенти е охрабрувачки сигнал, но кризата е далеку од завршена. Институциите се децидни: крај на алармантната состојба ќе се прогласи дури откако лабораториските анализи ќе потврдат целосна безбедност на водата, а епидемиолошката истрага ќе ја даде конечната слика за загадувањето.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 80 нови лица кои побарале лекарска помош, што е двојно помалку во споредба со претходните денови.
Сепак, вкупните бројки се загрижувачки. Се проценува дека околу 4.000 лица ги почувствувале последиците од загадувањето. Досега се поднесени 750 официјални пријави за заразни заболувања, а епидемиолошки се анкетирани 490 граѓани. Здравствените власти потенцираат дека конечната бројка допрва ќе се филтрира, бидејќи деталната анализа треба да утврди кои случаи се директна последица на загадената вода, а кои се редовни сезонски гастроентеритични инфекции.
И покрај позитивниот тренд кај пациентите, гостиварскиот водовод сè уште не ги исполнува ниту минималните стандарди за техничка употреба на водата. Последните анализи покажале недоволно количество на резидуален хлор, што значи дека процесот на дезинфекција не е доволно ефикасен низ целата мрежа.
Надлежните екипи продолжуваат со континуирано земање примероци. Како што предупредуваат експертите, роковите не можат да ја санираат состојбата – само чистите анализи можат да ја вратат водата во домовите.
Зад сувите статистички податоци стои цел град кој веќе една недела функционира без основната животна потреба. Граѓаните се принудени да чекаат во редици на пунктовите за флаширана вода под високи летни температури, а дополнителни количини се купуваат за готвење и одржување лична хигиена.
Кризата сериозно го погодува и локалниот бизнис. Угостителите работат со флаширана вода и засилени санитарни мерки, жалејќи се на драстично намален промет во екот на летната сезона. Обичните домашни обврски, грижата за децата и старите лица, како и функционирањето на болниците, се претворија во сложена логистичка операција.
Дека проблемот со водоснабдувањето не е само изолиран гостиварски инцидент, покажува и примерот со Специјалната болница за белодробни заболувања во Лешок. Министерот Клековски откри дека водата од локалниот водовод таму е неисправна речиси една деценија, поради што болницата со години се снабдува преку диспанзери. Ова отвора сериозни прашања за ранливоста и (не)надзорот на малите и рурални водоснабдителни системи ширум државата.
Смирувањето на епидемиолошката крива е добра вест, но враќањето на довербата на граѓаните во институциите ќе оди многу потешко. Гостивар бара редовни и транспарентни лабораториски резултати, јасни упатства, и пред сè – одговорност за тоа кој дозволи системот да затаи до овој степен. Дотогаш, забраната за користење на водата останува на сила.
Водата во Крушево сѐ уште не е за пиење: Забраната останува на сила до вторник
Бугарскиот бизнис го освојува африканскиот пазар: Од егзотика до стратешки приоритет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

