26 јули 2026
• од Темелко Тошев
Над 1.500 овци од кумановскиот регион се уништени досега поради појавата на сипаници кај малите преживари. Болеста претставува сериозна закана за сточниот фонд, а штетите за сточарите и за економијата се значителни.
Првиот случај на болеста во земјава беше регистриран кон крајот на јануари токму во Куманово. Оттогаш, болеста продолжи да се шири, при што ветеринарните екипи интервенираа во Младо Нагоричане, како и во Сопот.
Во моментов нема нови регистрирани жаришта во кумановскиот регион, но специјалистите предупредуваат дека ризикот од понатамошно ширење останува висок и апелираат на строго почитување на заштитните мерки.
„Првите симптоми на болеста се висока температура, слабост и губење на апетит, отечени лимфни јазли кај животните, исцедок од носот, устата и очите, како и отежнато дишење. Во генерализирана форма, животното оди кон сигурна смрт. Смртноста е висока, а кај јагнињата достигнува од 70 до 80 проценти“, изјави Зоран Пешевски од Ветеринарната станица во Куманово.
Во меѓувреме, нови жаришта се регистрирани и во Македонска Каменица, Делчево и во светиниколскиот регион.
Ветеринарите апелираат на строга контрола на движењето на животните, задолжителен 21-дневен карантин за новонабавените овци и целосна примена на мерките за биосигурност.
Според ветеринарот Пешевски, ризикот од ширење постои и преку опремата и лицата кои работат со овците, доколку не се спроведуваат соодветни мерки за дезинфекција. Сепак, како најголем ризик за пренесување тој го посочува директниот контакт меѓу животните, како и нелегалната трговија со овци.
Доколку бројот на жаришта продолжи да расте, покрај досегашните мерки, ветеринарите препорачуваат да се разгледа можноста за воведување регионална вакцинација.
По појавата на болеста, добиточните пазари за овци и кози се затворени, додека на фармите каде што е потврдена инфекцијата воведена е забрана за обновување на стадата со нови животни во период од шест месеци.
Водата во Крушево сѐ уште не е за пиење: Забраната останува на сила до вторник
Бугарскиот бизнис го освојува африканскиот пазар: Од егзотика до стратешки приоритет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

