25 мај 2026
• од Темелко Тошев
Изминативе денови на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) се појавија бројни реакции и остри критики поврзани со производите на Битолска млекара, компанија која е дел од регионалната „Имлек“ групација. Дел од корисниците обвинуваат за, како што велат, збунувачки маркетинг и недоволно јасно информирање на потрошувачите за потеклото и составот на производите.
Најмногу реакции предизвика таканаречениот „грчки тип јогурт“. Според дел од потрошувачите, маркетингот создава впечаток дека станува збор за оригинален грчки производ, иако реалноста е поинаква.
„Многу ве читам на Твитер дека користите грчки јогурт од Бучен Козјак, Имлек… Сè е тоа грчки тип на јогурт, обично кисело млеко со 3,2% протеини. Единствен прав грчки јогурт е на Олимпус, со 10% протеини. Не фрлајте џабе пари за кисело млеко“, стои во еден од твитовите кои масовно се споделуваат.
Потрошувачите укажуваат дека разликата во нутритивните вредности и процесот на производство е клучна, а ознаката „грчки тип“ често се злоупотребува за да се оправда повисока цена.
Покрај прашањето за квалитетот, дополнителен револт предизвикаа информациите за локацијата на производство на производите што го носат заштитниот знак „Битолско Чупе“. Девојчето во народна носија со дрвена кантичка со децении е симбол на Битолската млекара и асоцира на домашно производство, традиција и македонски квалитет.
Сепак, на социјалните мрежи се споделуваат фотографии од производи каде на декларацијата како место на производство е наведена Босна и Херцеговина. Оваа откритие предизвика серија иронични коментари:
„Србија до Токија, Босна до Битола“, гласи еден од твитовите, пропратен со фотографија од декларацијата на производот.
Во дискусијата околу работењето на „Имлек“ и млечната индустрија неодамна се вклучи и познатиот музичар Владо Ѓоргиев. Тој јавно порача дека повеќе нема да купува производи од оваа компанија, упатувајќи критики кон начинот на производство и користењето на млеко во прав.
„Повеќе ништо од Имлек нема да купам и ќе купувам само од млекарници кои откупуваат млеко од селани, а не млеко во прав“, напиша Ѓоргиев на социјалните мрежи.
Овие реакции повторно ја отвораат дебатата за транспарентноста во декларирањето на производите и маркетингот во прехранбената индустрија. Потрошувачите бараат јасни одговори – дали брендовите кои се перципираат како „македонски“ треба да користат македонски суровини и да се произведуваат локално, или ознаките на амбалажите треба да бидат многу повидливи за да не се доведе јавноста во заблуда.
До овој момент, од Битолска млекара сè уште нема официјална реакција на обвинувањата изнесени од потрошувачите на социјалните мрежи.
ВМРО-НП реагира: ДПМ ќе добие претседател заговорник на великосрпската политика
Хуманитарна акција: Помош за лекување на 14-годишниот Марко Џолевски во Турција
Историја во Атина: Бугаринот Александар Везенков е шампион на Европа со Олимпијакос!
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

