27 мај 2026
• од Темелко Тошев
Јавноста е повторно разбранувана по најновото Мислење донесено од страна на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), со кое остра се осудуваат објавите на профили на социјалните мрежи. На овие профили беа споделени наводни токсиколошки анализи од загинатите во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, при што јавно беа прикажани имињата на починатите и наводните концентрации на разни супстанци пронајдени при обдукциите.
Веднаш по скандалозните објави, СЕММ излезе со официјално образложение во кое категорично се отфрла ваквиот начин на квази-информирање, потенцирајќи дека ваквиот тип содржини не треба да се поистоветуваат со новинарството.
„Објавената содржина е длабоко спротивна на елементарните принципи на човечко достоинство, сочувствување и јавна одговорност и не ги исполнува ниту основните професионални и етички стандарди на новинарството. Објавувањето форензички и токсиколошки податоци со имиња и презимиња на починати лица, проследено со непотврдени и сензационалистички конструкции, претставува вулгарна и бесчувствителна злоупотреба на трагедија и човечка болка и по ниту еден основ не може да се смета за медиумско информирање,“ стои во Мислењето на СЕММ.
По објавувањето на одлуката на Советот за етика, со остра реакција се огласија и семејствата на загинатите, здружени во Здружението „16-ти март 2026“. Тие изразија згрозеност од „користењето на починатите како алатка за публицитет, манипулации и перење одговорност на обвинетите“.
Особено загрижувачки, според нив, е обидот да се создаде наратив дека жртвите самите се виновни за својата смрт. Семејствата директно посочуваат како доверливите информации завршиле на социјалните мрежи:
„Доверлив доказен материјал, кој во судница во Идризово најпрвин бил доставен до адвокатите на обвинетите, подоцна делумно бил фотографиран и препраќан од страна на Николчо Гоцев, градежен инспектор од Кочани, преку материјалите доделени на неговиот адвокат Зоран Зафировски, до медиуми и адвокати, со цел во јавноста да се пласира селективна и изобличена ’вистина‘.“
Според нивните сознанија и докази, повеќето етаблирани лица и медиуми одбиле да учествуваат во оваа злоупотреба. Сепак, посочуваат дека профилот насловен „Буре весник“ немал проблем да гради сензационализам и да собира кликови врз грбот на мртвите деца и болката на нивните семејства.
За Николчо Гоцев, по оваа злоупотреба, веќе е во тек истражна постапка за кривично дело. Здружението на семејствата потенцира дека ова ја отвора итната потреба институциите конечно и до крај да утврдат:
Семејствата јавно се обратија и до профилот кој ги објави спорните анализи, со недвосмислено барање за одговорност:
„Вашите лични битки, суети и агенди со поединци немојте да ги водите газејќи врз 63 изгорени млади животи. Не ги користете мртвите деца како алатка за публицитет, манипулации и перење одговорност на обвинетите. Очекуваме, ако барем малку имате доблест и човечност, јавно да им се извините на семејствата и веднаш да го отстраните објавениот пост.“
Во катастрофалниот пожар што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, од кои 157 се здобија со тешки телесни повреди.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

