28 мај 2026
• од Темелко Тошев
Родителите на децата кои трагично го загубија животот во катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ ги повикуваат своите сограѓани и целата јавност да им се придружат на 44-тиот по ред „Марш на ангелите“. Овој меморијален марш ќе се одржи претстојната сабота, симболично на денот на Задушница.
Организиран од страна на Здружението „16-ти Март“, маршот има за цел да го зачува споменот на згаснатите млади животи, но и да испрати силна порака до институциите за расветлување на случајот и понесување одговорност.
Според најавите, маршот ќе започне во сабота во 19:05 часот, а почетната точка на движење е спортското игралиште во село Ратавица, Пробиштипско.
Од Здружението упатија емотивен повик до граѓаните, потсетувајќи на болката која не бледнее со текот на времето и на важноста на заедничката поддршка.
„На денот на Задушница, со тишина, молитва и болка што не поминува — ќе чекориме за нашите Ангели. За оние чии гласови замолкнаа прерано, но чие присуство засекогаш останува во нашите срца“, се вели во соопштението на Здружението „16-ти Март“.
Во повикот се нагласува дека токму на овој празник, посветен на споменот на починатите, сеќавањето на 63-цата загинати и борбата за правда за нив и за повредените, се посилни од кога било. Родителите децидно порачуваат дека нивната борба е институционална и се води низ правните лавиринти.
„На Задушница не се заборава. Се палат свеќи. Се изговараат имиња. Се носи љубовта кон оние што физички ги нема, но духовно се со нас во секој чекор. За 63-те Ангели. За повредените. За правдата што сме должни да ја истраеме до крај. Не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница“, се наведува во нивниот повик.
Организаторите апелираат на масовност и достоинствено чекорење во знак на солидарност со семејствата кои сè уште ги чекаат одговорите за најголемата трагедија што ги зави во црно.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

