13 август 2026
• од Темелко Тошев
Македонскиот фолк-пејач Спасен Силјаноски, кој во последно време стана вистински хит на социјалните мрежи, особено на ТикТок со песната „Ќе ти дојдам вечер“, уште еднаш покажа зошто важи за еден од најголемите чувари на македонската песна.
Познат по својот искрен став и љубов кон македонскиот мелос, Спасен јавно го изрази своето разочарување од музичкиот избор на домашните свадби и прослави. Имено, тој отворено реагираше на појавата кога на македонските веселби масовно се нарачува музика од соседството, пред сè српска, додека нашите песни се ставаат во втор план.
„Единствен народ сме на планетата, каде што на наши веселби се пее 90% туѓа музика“, вели Силјаноски, посочувајќи го апсурдот што сè почесто доминира на свадбите каде што е повикан да пее.
Овој негов директен став наиде на огромно одобрување. Многумина се согласуваат дека доколку и останатите негови колеги од естрадата заземат ваков цврст став за негување и форсирање на македонската музика, ситуацијата би била многу поинаква, а нашите песни би го добиле местото што го заслужуваат.
Дека Спасен ја погоди „во центар“ темата која многумина ја премолчуваат, докажуваат и реакциите на публиката.
„Само така! Толку убави македонски песни имаме, а под дрво и камен треба да ги бара човек по веселбите“, „За жал така е, самите не се цениме себеси и тоа што го имаме, а очекуваме другите да нè ценат“ – се само дел од коментарите на граѓаните кои му дадоа целосна поддршка на пејачот.
Какво е вашето мислење? Дали македонската песна е неправедно запоставена и дали треба да ѝ се врати приматот на нашите свадби и веселби?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

