21 август 2026
• од Темелко Тошев
Познатиот македонски новинар Васко Ефтов во својата најнова анализа предупредува на сериозни операции од страна на таканаречената „длабока српска држава“, која преку историски ревизионизам и организирани тајни служби континуирано се обидува да влијае врз македонскиот национален наратив.
Според Ефтов, Македонија мора институционално и сериозно да се подготви за да може да им парира на овие пропаганди, бидејќи наивниот пристап повеќе не поминува.
„Јас не верувам целосно во тие српски приказни. Треба да се спремиме за да можеме да парираме, бидејќи таму служби и служби стојат зад сето тоа“, посочува тој. Новинарот прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот и српскиот пристап, критикувајќи ја нашата неорганизираност: „За разлика од овде каде што солираме и сме соло играчи, таму пристапот е сериозен и работат тимови.“
Ударот врз Вучиќ поради МПЦ
Ефтов потенцира дека овие нови-стари наративи не се само изолирани ставови на поединци како контроверзниот историчар Александар Раковиќ, туку потекнуваат од многу повисоки инстанци. Станува збор за скриените центри на моќ во Србија кои не се согласуваат со актуелната политика на Белград.
Тој тврди дека овој „најдлабок дел на длабоката српска држава“ е исклучително незадоволен од српскиот претседател Александар Вучиќ. Причината за нивниот револт е неговото „попуштање кон Македонците“ и особено зеленото светло за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), потег кој радикалните српски струи го сметаат за пораз.
„Србите, а не комунистите, ја создадоа македонската нација“
Еден од најинтригантните сегменти од оваа српска пропаганда, според Ефтов, е обидот за присвојување на заслугите за создавањето на македонската нација и негирање на улогата на комунистичкото движење.
За таа цел, српските служби во јавноста ја актуелизираат историската фигура на Коста Новаковиќ и периодот на династијата Обреновиќ.
„Србите го вадат Коста Новаковиќ и велат дека не се комунистите тие што учествувале во формирањето на македонската нација и држава. Оваа длабока српска држава тврди дека уште за време на Обреновиќ, откако увиделе дека Македонците не можат да се посрбат, решиле да учествуваат во правењето на македонската нација – сè со цел овој народ да не биде бугаризиран“, ја пренесува Ефтов српската геостратешка теза од минатото.
Оваа анализа отвора сериозни прашања за тоа колку македонските институции, историчари и служби се подготвени да се справат со организирани странски пропаганди. Пораката е јасна – времето на „соло играчи“ мора да заврши доколку сакаме вистински да ги заштитиме нашите национални интереси.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

