11 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Честитки до бугарскиот народ за јасно изразената граѓанска свест и масовната мобилизација што доведе до пад на Владата предводена од премиерот Росен Жељазков. На 11 декември, бугарската влада поднесе оставка по едни од најголемите протести во поновата историја на земјата, иницирани од контроверзниот предлог-буџет за 2026 година.
Предлог-буџетот предвидуваше зголемување на даноците и повисоки социјални придонеси – мерки што дополнително го разгневија населението, веќе уморно од перцепираната корупција и економска стагнација. Иако протестите првично избувнаа како реакција на фискалните мерки, тие брзо ескалираа во пошироко изразување незадоволство од владините политики и неспособноста да се спроведат суштински реформи.
Во телевизиско обраќање од Софија, премиерот Жељазков ја објави оставката само неколку часа пред парламентот да гласа за недоверба. „Владата денеска поднесува оставка“, изјави тој по состанокот на коалициските лидери.
Меѓународните индикатори долго предупредуваат на проблемите со кои се соочува Бугарија. Според „Транспаренси Интернешнл“, земјата е втора најкорумпирана членка на Европската унија, веднаш зад Унгарија. Истовремено, Евростат ја рангира како најсиромашната членка на ЕУ.
Политичката нестабилност е длабоко вкоренета: од 2021 година, Бугарите дури седум пати излегоа на избори поради неможноста да се формира стабилна владина коалиција. Минатогодишните октомвриски избори повторно оставија силно фрагментиран парламент, по што Жељазков ја формираше својата коалициска влада по долги и тешки преговори.
Парализата на институциите резултираше и со значително намалување на средствата од Европската Унија, бидејќи многу реформски проекти останаа нереализирани.
Десетици илјади граѓани се собраа во Софија и во други градови на 10 декември, носејќи транспаренти и извикувајќи „Оставка! Оставка! Оставка!“ и „Мафија, надвор!“. Иако протестите беа масовни, останаа претежно мирни.
„Се надевам дека овој бран ќе доведе до значително поголема излезност на изборите и до промена на типот на влада што ја имаме“, изјави еден од демонстрантите за Радио Слободна Европа.
По оставката, останува нејасно дали Бугарија ќе оди на нови избори – осми по ред во последните четири години. Системската криза, коруптивните практики и економските предизвици продолжуваат да ја тестираат издржливоста на институциите и довербата на граѓаните.
Но едно е јасно: бугарското општество испрати силна порака дека политичката одговорност и транспарентност мора да станат приоритет.
СДСМ бара одговор: Ќе ја потпише ли ВМРО-ДПМНЕ Резолуцијата за мигрантите?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

