28 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
По повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот, европратеникот од ГЕРБ-ЕНП, Андреј Ковачев, објави став во кој ја нагласува улогата на Бугарија во спасувањето на бугарските Евреи за време на Втората светска војна. Според него, земјата извршила морален чин без преседан, спротивставувајќи се на притисокот од нацистичка Германија.
Ковачев наведува дека и покрај ултимативните барања од Берлин, бугарските власти успеале да ја саботираат депортацијата на Евреите од старите граници на Царството Бугарија. Тој истакнува дека ова било резултат на заедничките напори на царот Борис III, Бугарската православна црква, пратениците во парламентот и значаен дел од бугарското општество.
Во својот став, европратеникот се повикува и на автентични германски документи од нацистичкиот период, кои, како што вели, го потврдуваат незадоволството на германските власти од бугарската политика. Според него, овие документи сведочат за херојството на бугарската држава и општество, кое предизвикало сериозна вознемиреност кај нацистичките кругови.
Еден од документите, како што посочува Ковачев, содржи признание дека бугарските Евреи ги доживувале царот Борис III и царицата Јоана како свои заштитници. Во него се наведува дека нивните ликови биле поставувани покрај жолтите ѕвезди, што симболично ја изразувало довербата и надежта на еврејската заедница.
Како резултат на овие постапки, според Ковачев, биле спасени сите бугарски Евреи од депортација, како и повеќе од 15.000 европски Евреи кои транзитирале низ Бугарија на пат кон Палестина.
Европратеникот го оценува овој историски настан како „херојство без аналог во Европа“ и на крајот изразува длабока почит кон сите жртви на нацизмот, повикувајќи на сеќавање и одговорност кон историјата.
„Поклон пред сите жртви на нацизмот“, порачува Ковачев.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

