11 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Папа Лав го повика претседателот на САД, Доналд Трамп, да не го „разбива“ трансатлантскиот сојуз во услови на заострување на реториката меѓу Вашингтон и европските партнери. Апелот доаѓа по острите критики што Трамп ги упати кон Европа во интервју за „Политико“.
Говорејќи пред новинарите по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Кастел Гандолфо, близу Рим, папата изрази загриженост дека последните изјави на Трамп – во кои европските лидери ги нарекува „слаби“, а континентот „распаѓачки“ – претставуваат обид да се нарушат долгорочните односи меѓу двете страни на Атлантикот.
„Забелешките што последниве денови беа направени за Европа, според мене, се обид да се разниша нешто што денес и во иднина треба да остане исклучително важен сојуз“, истакна Папа Лав.
Во интервјуто со Даша Бернс од „Политико“, емитувано во вторник, Трамп ја опиша Европа како слабо управувана и неспособна да се справи со миграцијата. Според него, европските лидери „не знаат што прават“, а континентот не може да најде стратегија за клучните геополитички предизвици.
Папа Лав предупреди дека мирниот план на администрацијата на Трамп за Украина претставува „огромна промена“ во традиционалниот сојуз меѓу САД и Европа. Предлогот, кој го исклучи Брисел од преговорите и предвидуваше сериозни отстапки кон Русија – вклучително и предавање обемни украински територии и ограничување на украинските вооружени сили – предизвика остра реакција од Киев и европските партнери.
„Тоа е програма што претседателот Трамп и неговите советници ја креирале. Тој има право на тоа“, изјави папата, но додаде дека посредување во мирниот процес „без Европа“ е „нереално“.
„Воените дејствија се на европскиот континент. Европа мора да биде дел од сите гаранции за безбедност – денес и во иднина“, нагласи Папа Лав.
Папа Лав, кој е роден во Чикаго и во мај стана првиот понтифик од Северна Америка, и претходно ја критикувал политиката на Трамп, особено односот кон мигрантите, кој го нарече „нехуман“. Тој исто така го повика Трамп да не презема воени активности во Венецуела.
Тензиите меѓу Ватикан и Трамп не се новост: неговиот претходник, Папа Франциск, остро ја критикуваше пограничната политика на Трамп со Мексико, нарекувајќи ја „нехристијанска“, а плановите за масовни депортации ги оцени како „срамни“. Трамп пак го нарече Франциск „многу политичка личност“.
И покрај критиките од Ватикан, Трамп во изјава за „Политико“ даде сигнал дека е подготвен за разговор или средба со Папа Лав.
„Се разбира дека би го направил тоа. Зошто да не?“, изјави тој.
СДСМ бара одговор: Ќе ја потпише ли ВМРО-ДПМНЕ Резолуцијата за мигрантите?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

