28 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Три нови метро-станици долж булеварот „Владимир Вазов“ во Софија ќе бидат пуштени во употреба најдоцна до 1 август, соопшти Столичната општина на Бугарија преку социјалните мрежи. Информацијата беше потврдена и од градоначалникот на Софија, Васил Терзиев.
Новите станици ќе обезбедат побрза и поудобна врска за повеќе од 45.000 патници дневно, поврзувајќи ги населбите „Хаџи Димитар“, „Сухата река“ и „Левски–Г“ со западните делови на главниот град, како што се „Овча купел“ 1 и 2 и „Горна Бања“. Изградбата на делницата е завршена околу 93 проценти, а шинскиот пат веќе е поставен. Во моментов се изведуваат завршни градежни и технички активности.
Според најавите, следната година во Софија ќе бидат отворени уште седум метро-станици, што се очекува значително да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во градот.
Градоначалникот Терзиев истакна дека историјата на софиското метро е приказна за трпение, храбри одлуки и долгорочна визија. „Пред 28 години тргна првиот воз, а денес метрото е ‘рбетот на градот и најпосакуваниот начин на превоз“, напиша тој, нагласувајќи дека овој инфраструктурен проект е резултат на децении работа и континуитет, а не на мандатот на еден политичар.
Денес, според податоците на општината, околу 470.000 луѓе секојдневно го користат метрото. Тоа им овозможува навремено и мирно патување, избегнување на сообраќајниот хаос и придонесува за почист воздух во градот. Од само пет станици и 6,4 километри траса во 1998 година, софиското метро денес располага со 47 станици и вкупна должина од 52 километри.
Терзиев нагласи дека метрото претставува долгорочна инвестиција и визија што ги поврзува граѓаните, градот и иднината на Софија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

