17 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денес, на 17 јануари, Христијанската православна црква молитвено го одбележува празникот посветен на Светите Седумдесет апостоли – учениците кои Господ Исус Христос ги избра и ги испрати на проповед на Евангелието, покрај дванаесетте големи апостоли.
Според сведоштвото на Светото Евангелие, Господ „избра уште седумдесетмина други и ги испрати двајца по двајца пред лицето Свое во секој град и место“, предупредувајќи ги дека ќе бидат „како јагниња меѓу волци“ (Лука 10, 1–5). Нивната мисија била да го подготват народот за доаѓањето на Христос, да ја објавуваат благата вест и да го сведочат Божјото Царство.
Црковното предание сведочи дека, како што еден од дванаесеттемина апостоли – Јуда Искариот – отпаднал од Господа, така и некои од Седумдесетмината се поколебале поради човечка немоќ и маловерие, а не поради намерно предавство (Јован 6, 66). Но, како што местото на Јуда било пополнето со друг апостол, така и редот на Седумдесетте бил надополнуван со нови избраници.
Светите Седумдесет апостоли дејствувале заедно со дванаесеттемина и им биле нивни соработници во ширењето и утврдувањето на Црквата Христова во светот. Тие проповедале во различни земји и градови, поставувале епископи и презвитери, ја зацврстувале верата кај новопокрстените и се соочувале со силни прогони.
Нивниот апостолски пат бил обележан со бројни страдања, маки и искушенија, како од луѓето така и од демонските сили. Сепак, нивната цврста вера и ревносната љубов кон воскреснатиот Господ ги направиле победници над светот и наследници на Небесното Царство.
Православната Црква денес со особена благодарност ги спомнува по име сите Свети Седумдесет апостоли, меѓу кои се: Јаков брат Господов, евангелистите Марко и Лука, првомаченикот Стефан, апостолите Филип, Тимотеј, Тит, Варнава, Климент, Дионисиј Ареопагит, како и многу други ревносни Христови ученици.
Празникот на Светите Седумдесет апостоли е потсетник дека мисијата на Црквата не е дело на поединци, туку заеднички подвиг на вера, пожртвуваност и сведоштво, кој продолжува низ вековите до денешен ден.
СДСМ прашува: Каде ја води Мицкоски Македонија – на иста листа со Сомалија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

