25 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Православната црква денеска го празнува споменот на Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски, еден од најпочитуваните светители во христијанството, познат по својата длабока вера, исклучителна смиреност и бројни чуда.
Свети Спиридон е роден на островот Кипар, во семејство на прости и чесни земјоделци. И самиот живееше скромно и смирено, останувајќи верен на простотата до самиот крај на својот живот. Во младоста се оженил и имал деца, а по смртта на сопругата целосно му се посветил на служењето на Бога.
Поради неговото исклучително благочестие и праведен живот, бил избран за епископ на градот Тримифунт. И покрај високата црковна служба, Свети Спиридон не го променил начинот на живот – лично се грижел за стоката и земјата, користејќи мал дел од стекнатото за себе, а најголемиот дел го раздавал на сиромашните и немоќните.
Со Божја благодат, Свети Спиридон извршил бројни чуда: повикал дожд за време на голема суша, го запрел текот на река, воскреснал мртовци, го исцелил царот Констанс од тешка болест, гледал и слушал ангели и проникнувал во тајните на човечките срца. Со својата вера и животен пример, многумина ги привел кон вистинската православна вера.
Тој учествувал и на Првиот Вселенски Собор во Никеја, каде со своето едноставно, но длабоко и јасно исповедање на верата, како и со чудата што ги извршил, успеал да врати голем број еретици во лонот на Православието.
Неговата смиреност најдобро се покажала кога, облечен многу просто, сакал да влезе во царскиот дворец по покана на царот. Војникот, мислејќи дека е просјак, го удрил. Свети Спиридон без гнев и осуда, кротко го свртел и другиот образ.
По долг живот исполнет со служба, чуда и духовна корист за многумина, Свети Спиридон се упокоил во Господ во 348 година. Неговите нетрулежни и чудотворни мошти денес се наоѓаат на островот Крф, каде и понатаму сведочат за Божјата сила преку бројни чуда.
Свети Спиридон останува вечен пример за вистинска вера, смирение и љубов кон Бога и луѓето.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

