11 август 2026
• од Темелко Тошев
Вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР) останаа без здравствено осигурување, а причината за тоа, според Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), лежи во неплатени придонеси за нивни колеги кои биле вратени на работа со судски пресуди.
Откако од МВР претходно изјавија дека вината за овој проблем не е кај нив, туку кај Фондот, од ФЗОМ излегоа со појаснување до јавноста, нагласувајќи дека воопшто не станува збор за технички проблем или застој во нивниот систем.
„Според податоците евидентирани во системот, во Министерството за внатрешни работи се регистрирани вработени кои се вратени на работа врз основа на судски одлуки. За дел од овие лица во моментот не е евидентирана соодветна уплата на придонесите за здравствено осигурување за периодот за кој се пријавени“, потенцираат од ФЗОМ.
Од Фондот посочуваат дека здравственото осигурување се активира автоматски веднаш по евидентирањето на уплатените придонеси. Овој системски воспоставен механизам важи и се применува подеднакво за сите правни субјекти во државата, без исклучок.
Процесот на пријавување на вработените, пресметката и самата уплата на придонесите се одвиваат преку системот за наплата на Управата за јавни приходи (УЈП), додека ФЗОМ само го евидентира статусот врз основа на добиените податоци за извршена уплата.
За да се надмине проблемот, во вакви случаи кога правен субјект дополнително пријавува вработени за претходен период, потребно е да се изврши корекција на пресметката на платите за тој период и да се доплатат придонесите за тие лица. Дури потоа системот автоматски ќе го активира здравственото осигурување за сите вработени.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

