11 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во свое најново излагање директно го предизвика митот за Југославија како „совршена правна држава“, осврнувајќи се на мрачната улога на тајната полиција и репресивниот апарат кој функционирал надвор од секакви законски рамки.
Анализирајќи го периодот на поранешната држава, Георгиевски посочи на големиот историски парадокс кој сè уште владее во јавниот дискурс. Според него, денес сведочиме на контрадикторни ставови – од една страна се рехабилитираат жртвите на Александар Ранковиќ (некогашниот шеф на југословенската државна безбедност), додека од друга страна се жали по неговото време и се тврди дека токму по неговото заминување започнал распадот на унитарна Југославија.
За да го илустрира отсуството на владеење на правото во раните децении на федерацијата, Георгиевски се повика на тврдењата на професорот на Белградскиот универзитет, Борис Беговиќ.
„Првиот закон за УДБА во Југославија е донесен дури во 1966 година. Е сега, почитувачи на Југославија, тие што велите дека Југославија била многу правна држава, со многу организиран и регулиран систем, ќе ви поставам едно прашање: Како во Титова Југославија може да постои институција која дрма, затвора, убива и прави концентрациони логори, а нејзината улога воопшто не е регулирана со закон?“, истакна Георгиевски.
Тој јасно им порача на југоносталгичарите дека фактите говорат поинаку од нивните идеализирани сеќавања. „Ако лаже Борис Беговиќ, тогаш ве лажам и јас“, додаде тој, потенцирајќи ја историската тежина на овој правен вакуум.
Според Георгиевски, вистинскиот процес на демократизација на Југославија започнал дури во 1966 година, кога државата конечно се обидела да го стави под контрола семоќниот безбедносен апарат. На истиот тој историски пленум била формирана и специјална Комисија за работата на УДБА, со што за првпат почнало законското регулирање на нејзиното дејствување.
Оваа изјава на Георгиевски повторно ја отвора дебатата за вистинското лице на југословенскиот систем, потсетувајќи на жртвите и политичките прогони кои се спроведувале системски, но правно – целосно нерегулирано.
Зголемена будност: Во Македонија потврдени 13 случаи на Западнонилска треска
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

