11 август 2026
• од Темелко Тошев
Премиерот на Албанија, Еди Рама, остро реагираше на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ и официјален Белград, особено во врска со заканите за пренасочување на текот на реката Ибар и константните обвинувања за создавање на „Голема Албанија“.
Во својата реакција, Рама ги отфрли српските тврдења нарекувајќи ги „политички фолклор кој му одолева на забот на времето“. Тој нагласи дека секогаш кога Албанија ќе проговори за Косово, Белград веднаш го извлекува аргументот за „Голема Албанија“.
„Нема. Албанија нема апсолутно никакви претензии кон српска територија, ниту пак има потреба таквите претензии да ги измислува. Исто така, не ни е потребна 'Голема Албанија' за да застанеме зад Косово“, изјави Рама.
Косово е независна држава, ресурсите не се на Србија
Албанскиот премиер беше дециден дека Косово е посебна и независна држава, а Албанците од Косово имаат право сами да одлучуваат за својата иднина.
„Србија го изгуби Косово. Повторувањето на тврдењето дека не го изгубила можеби може да го претвори поразот во победа во сферата на политичката имагинација, но мапите, за жал, се помалку попустливи. Територијата на Република Косово не е српска територија, а природните ресурси што се наоѓаат на неа не се ресурси на Република Србија“, потенцираше Рама, додавајќи дека српските политичари го знаат тоа многу добро.
Реката Ибар и меѓународното право
Осврнувајќи се на најавите за можна промена на текот на реката Ибар со цел Косово да остане без водоснабдување, Рама потсети дека се работи за прекуграничен воден систем. Според него, Србија не може да се однесува како последиците од нејзините одлуки магично да запираат на границата. Тој нагласи дека реките ја следат географијата, а не дипломатските ставови, потсетувајќи на правилата на меѓународното право за води.
Заштита за српското малцинство во Косово
Во своето обраќање, Рама не пропушти да ја истакне важноста на српската заедница во Косово. Тој порача дека нивните права, безбедност, имот, јазик, како и културно и верско наследство мора да бидат максимално заштитени, додавајќи дека тоа е обврска на секоја демократска држава кон своите граѓани.
Иднината е во Европа, но со почитување на постоечките граници
На крајот, албанскиот премиер повика на добрососедски односи и европска иднина за целиот регион, вклучително и за Србија. Меѓутоа, тој предупреди дека добрососедството не значи барање од соседите трајно да се преселат во српската верзија на историјата.
„Балканот веќе плати превисока цена со крв и со изгубено време. А во меѓувреме, реката Ибар, блажено несвесна за сите наши историски картографии, ќе продолжи да тече во согласност со географијата, а не со фолклорот“, заклучи Рама.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

