07 август 2026
• од Темелко Тошев
Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изрази сериозна загриженост откако Основниот суд во Кочани денеска, 7 август, донесе уште една одлука со која ѝ се одбива неопходното лекување на Ива Михаилова.
Според официјалното соопштение на бугарското МНР, веќе повеќе од половина година на оваа млада жена ѝ е оневозможено да добие навремено и соодветно лекување за нејзината тешка невролошка состојба.
Од Министерството посочуваат дека постои јасно мислење од надлежна локална здравствена институција во Северна Македонија, кое не само што ја потврдува тешката дијагноза, туку и констатира дека пропишаното лекување не може да се обезбеди во земјата и оти е неопходно истото да се спроведе во друга држава.
„Инсистираме Ива Михаилова да добие пристап до навремена и соодветна медицинска нега, за да се избегне реалната опасност од трајни оштетувања со неповратни последици врз нејзиното право на достоинствен живот“, се вели во реакцијата од Софија.
Бугарската дипломатија потсетува дека сите земји потписнички на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи имаат обврска да ги штитат правата на своите граѓани. Во конкретниот случај со Михаилова, МНР на Бугарија обрнува внимание на почитувањето на правото на живот, забраната за нечовечки и понижувачки третман, како и на обезбедувањето ефективни правни средства за заштита.
Во своето соопштение, бугарското МНР го поврзува овој судски случај со евроинтегративниот процес на Северна Македонија и забелешките од Брисел.
„Во оваа насока, не се случајни постојаните негативни констатации на Европската комисија за состојбата на судскиот систем во Северна Македонија. Подвлекуваме дека владеењето на правото е меѓу водечките услови за каков било напредок на една земја-кандидат кон членство во Европската Унија“, стои во текстот.
На крајот од соопштението се нагласува дека грижата за животот и здравјето на нивните сонародници во странство е постојан приоритет на бугарската држава. Министерството најавува дека ќе продолжи да ги користи сите меѓународни механизми за нивно гарантирање и дека Ива Михаилова ќе ја ужива целосната поддршка од бугарските институции во нејзината борба.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

