06 август 2026
• од Гоце Кически
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринд изјави дека постојат индиции дека странска држава би можела да стои зад дронот натоварен со експлозив, кој беше пронајден на аеродромот во Лајпциг.
Тој нагласи дека истрагата е во тек и дека засега не може да се посочи конкретна земја. Сепак, според него, случајот носи обележја на хибридна закана, какви што најчесто се поврзуваат со странски државни актери.
Аеродромот во Лајпциг има стратешко значење, бидејќи служи како логистички центар за НАТО, вклучително и за воени транспорти кон Украина. Воедно, таму се наоѓа и најголемиот европски воздушен центар на компанијата ДХЛ, а привремено се сместени и дел од украинските авиони „Антонов“.
Дронот бил пронајден во близина на еден од украинските авиони. Вработен на аеродромот го забележал во вторникот вечерта, а полицијата го обезбедила и го деактивирала откако утврдила дека детонаторот не се активирал.
Министерот за внатрешни работи на германската покраина Саксонија, Армин Шустер, оцени дека станува збор за ново ниво на закана, бидејќи ова е прв случај во Германија да биде откриен дрон опремен со експлозив.
Во одделен инцидент на истиот аеродром, друго летечко тело удрило во товарен авион на ДХЛ, кој бил пренасочен по откривањето на дронот. И овој случај е предмет на истрага.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

