25 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во време кога Скопје повторно се соочува со алармантно загаден воздух и хроничен недостиг од градско зеленило, парковите не се луксуз ниту естетски додаток, туку суштинска инфраструктура за јавно здравје. Тие треба да бидат природни филтри што го намалуваат загадувањето, простори за одмор, рекреација и подобрување на микроклимата. Но, дел од проектите што со години се промовираа како „зелени решенија“ денес сведочат за спротивното.
Еден од најилустративните примери е таканаречениот мега-парк во Карпош – проект кој низ години наназад беше најавуван како идна зелена оаза и симбол на грижата за животната средина и квалитетот на живот. Промовиран од различни локални власти и во повеќе мандати, овој простор требаше да стане значајна зелена точка за жителите на општината. Денешната состојба, сепак, сериозно ја доведува во прашање таа визија.
Наместо уреден и одржуван парк, посетителите денес затекнуваат исушена трева, запуштен простор и јасен недостиг од редовно одржување. Зеленилото што требаше да апсорбира прашина, да го подобри квалитетот на воздухот и да создаде поповолна микроклима не ја исполнува ниту својата основна функција. Мега-паркот постои повеќе како идеја и политичка најава, отколку како жив јавен простор што секојдневно им служи на граѓаните.
Ова неминовно го отвора прашањето за одговорноста. Дали при најавувањето и делумната реализација на проектот бил предвиден јасен план и буџет за негово континуирано одржување? И ако таков план постоел, зошто резултатот денес е простор што изгледа оставен без грижа и внимание? На овие прашања, испратени до повеќе надлежни институции, вклучително и до градоначалникот Орце Ѓоргиевски, од Град Скопје не добивме одговор.
Проблемот со мега-паркот во Карпош не е изолиран случај, туку симптом на поширокиот однос кон јавниот простор во градот. Зеленилото често се третира како проект за свечено отворање и фотографирање, а не како систем што бара долгорочно, секојдневно одржување. Во град со хронично загадување, ваквиот пристап ја поништува самата суштина на таканаречените „зелени политики“.
Загадениот воздух не е апстрактна или далечна тема. Тој има директни последици врз здравјето, особено кај децата, постарите лица и хронично болните. Во таков контекст, запуштен парк не е ситен пропуст, туку пропуштена можност. Простор што требало да придонесе за подобар квалитет на живот станува уште еден доказ за јазот меѓу јавните најави и реалноста на терен.
Дополнителна вознемиреност во јавноста внесе и новинарот Васко Ефтов, кој во една од своите неодамнешни видео-анализи изнесе шпекулации за можен проект „Скопје на вода“. Според овие наративи, идејата би подразбирала изградба на висококатници долж течението на Вардар, од салата „Борис Трајковски“ до просторот на мега-паркот во Карпош. Иако за ваков проект засега нема официјални потврди или објавени планови, самото негово споменување повторно ја отвори дилемата за иднината и заштитата на зелените површини покрај реката.
Во тој контекст, се наметнува клучното прашање: дали локалните власти ќе покажат поголема ажурност и интерес за потенцијални проекти што би донеле значителни приходи за мал број инвеститори, отколку за редовното одржување на паркот кој веќе постои и кој може да донесе директни здравствени и еколошки придобивки за илјадници граѓани?
Во град што секоја зима се гуши од загаден воздух, одговорот на ова прашање не е прашање на политичка реторика, туку на јасен и недвосмислен јавен интерес.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

