24 август 2026
• од Темелко Тошев
Бугарската претседателка Илијана Јотова повторно го отвори прашањето за положбата на Бугарите во Северна Македонија, изјавувајќи дека Софија нема да се откаже од нив и ќе продолжи да ги штити нивните права.
„Нема да се откажеме од вас и ќе ги штитиме вашите права“, порача Јотова за време на говорот на Петрова Нива, во бугарското село Стоилово, каде што присуствуваше на одбележувањето на 123-годишнината од Илинденско-преображенското востание.
Во својот говор, Јотова ги поврза актуелните македонско-бугарски односи со историските прашања, кои со години се една од главните точки на несогласување меѓу Скопје и Софија. Таа тврди дека денес за Бугарите во Северна Македонија се зборува „со многу омраза и поделби“, повикувајќи ги политичарите и општествата да се спротивстават на ваквиот говор.
Според Јотова, историјата меѓу Северна Македонија и Бугарија е заедничка и не треба да служи како причина за нови поделби. „Што има да се дели меѓу двете земји?“, изјави таа, оценувајќи дека почитувањето на човековите права не треба да се третира како политичка декларација.
Изјавите на Јотова доаѓаат во период кога Софија продолжува да бара промени во Уставот на Северна Македонија и вметнување на Бугарите во него, како дел од условите за напредок на земјата кон Европската Унија. Од друга страна, Владата на Северна Македонија бара дополнителни гаранции дека евентуалните уставни измени нема да бидат проследени со нови услови во процесот на евроинтеграциите.
Јотова не најави некоја нова конкретна политичка иницијатива кон Скопје, но го повтори ставот дека прашањето за Бугарите во Северна Македонија ќе остане дел од надворешната политика на Софија. Таа исто така ја истакна важноста од зачувување на историската меморија за идните генерации, но нагласи дека вниманието треба да биде насочено и кон иднината.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

