16 јуни 2026
• од Темелко Тошев
По вчерашниот трагичен настан кај „Машка плажа“ на Охридското Езеро, во кој згасна животот на 20-годишно момче, локалната власт во Струга најавува итни и ригорозни мерки. Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, до Советот на општината достави официјална иницијатива за усвојување предлог-одлуки насочени кон драстично зголемување на безбедноста на крајбрежјето.
Главната цел на оваа иницијатива е ставање крај на нерегуларностите при изнајмувањето на пловни објекти. Според градоначалникот Ќура, усвојувањето на оваа одлука значително ќе ја намали узурпацијата на плажите од страна на субјекти кои работат надвор од законските рамки.
Тој посочува дека лицата кои стопанисуваат со овие реквизити често не ги подмируваат своите обврски кон општината, не плаќаат надоместоци и, што е најзагрижувачки, не преземаат никакви соодветни мерки за безбедност на посетителите и капачите.
„Предложив одлука со која ќе се забрани движење и паркирање на педалинките на плажите“, дециден е градоначалникот.
Освен безбедносниот аспект, кој стана приоритет по вчерашната трагедија, иницијативата таргетира и економски неправилности. Градоначалникот смета дека голем дел од педалинките кои секојдневно се користат на струшките плажи, се пуштаат во промет целосно нелегално. За нивното изнајмување најчесто не се издаваат фискални сметки, што претставува директно оштетување на буџетот и поттикнување на сивата економија.
Останува да се види кога Советот на Општина Струга ќе расправа по оваа иницијатива и дали истата ќе биде изгласана. Вчерашната трагедија уште еднаш го вклучи алармот кај надлежните дека регулацијата на водните реквизити и безбедноста на плажите мора да бидат ставени на прво место пред екот на летната сезона.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

