17 септември 2026
• од Темелко Тошев
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение жестоко реагираше на најавите за ново задолжување во енергетскиот сектор, обвинувајќи ја власта и премиерот Христијан Мицкоски дека со нов заем се обидуваат да создадат лажна слика за спас од поскапување на електричната енергија.
Според опозициската партија, станува збор за заем од околу 33 милиони евра преку АД ЕСМ, наменет за инсталација на батерии во Битола. Од СДСМ предупредуваат дека овој потег нема да донесе поевтина струја за домаќинствата.
„Мицкоски пак излегува со истата трик-приказна. Батериите не прават евтина струја. Ја ставаат струјата во склад и ја пуштаат подоцна. Како фрижидер за киловати. Тоа може да помогне на мрежата, ама не ја плаќа вашата сметка“, се истакнува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата алармираат за лошата финансиска состојба на државните енергетски компании. Според нивните податоци, ЕСМ веќе бележи загуба од над 100 милиони евра, проследена со намалено домашно производство и поскап увоз на струја. Тие предупредуваат дека кога државната компанија нема да има средства за враќање на кредитот, товарот ќе падне директно врз државниот буџет и граѓаните.
„Денес велат – нема поскапување. Утре стигнува каматата. Цената не ја држат, ја кријат во заем. Кога државната фирма нема пари да го врати кредитот, го враќа државата преку граѓаните: од даноци, од сметки, од тоа што нема за плати и пензии“, додаваат од партијата.
СДСМ го критикува целокупното работење на владејачката партија, споредувајќи го овој потег со неодамнешните скандали, како оној со исплатата на 5,5 милиони евра преку Државна лотарија.
„Ако сакаше евтина струја, ќе произведуваше дома и ќе го средеше ЕСМ. Наместо тоа, се задолжува. Нема бесплатни батерии, има кредит и има камата. Граѓанинот плаќа двапати – еднаш на броило, вторпат кога се враќа заемот“, се заклучува во партиското соопштение на СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

