17 септември 2026
• од Темелко Тошев
Јули и август зедоа најмногу жртви меѓу украинските цивили од почетокот на војната, предупреди високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур.
Таа нагласи дека руската армија се наоѓа во ќорсокак на бојното поле, поради што сега стратегијата е променета кон убивање цивили од воздух.
„Ако првичниот план на Русија беше да нападне суверена држава и да заземе туѓа територија, денес нејзината цел е уште понедозволива: руската војска сега неселективно и демонстративно го таргетира украинскиот народ“, изјави Калас.
Уништување на инфраструктурата и подготовки за зимата
Според нејзините зборови, во последните неколку месеци Русија уништила околу 90 проценти од инфраструктурата за складирање храна во Украина, поради што ЕУ активно помага за зголемување на капацитетите за складирање жито.
Калас предупреди и на плановите на Москва за претстојната зима – засилување на нападите врз енергетските објекти со цел животот на обичните украински семејства да се направи неподнослив. Како одговор на ова, ЕУ оваа година одвоила 75 милиони евра за поправка и изолација на живеалиштата, како и за набавка на топла облека, ќебиња, генератори и мобилни станици за вода за пиење. Овие подготовки за зимата се приоритет, веднаш зад воената поддршка и противвоздушната одбрана.
Порака до европските скептици и нови санкции
Осврнувајќи се на ставовите на одредени европски граѓани и политичари, вклучително и членови на Европскиот парламент, кои сметаат дека Украина е пречка за мирот, Калас упати остра порака: „Отворете ги очите. Единствената пречка за мирот е Русија“.
Таа го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да предизвика глобален глад преку нападите врз црноморските пристаништа, што води до повисоки цени на пченицата и храната во светот. Калас најави дека следната недела во Њујорк ќе разговара со меѓународните партнери за постигнување мораториум за Црното Море.
„Светот не смее да капитулира пред рускиот тероризам. Нашиот одговор е едноставен: продолжуваме со притисокот врз Русија и поддршката за Украина“, децидна е Калас, потсетувајќи дека ЕУ досега усвои 21 пакет санкции кои ја чинеа руската економија еден трилион евра. Во моментов се финализира и најголемиот список на лица и субјекти кои ќе бидат подложени на рестриктивни мерки.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

