11 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, упати остри критики за економските политики на Владата, оценувајќи ја состојбата како „катастрофална“, а истовремено повика извршната власт да преземе одговорност за евроинтегративниот процес и евентуалното распишување на референдум.
Зборувајќи за барањето на СДСМ за референдум во врска со евроинтегративниот процес на државата, Спасовски потенцираше дека Владата е таа што треба да го распише, бидејќи граѓаните треба да одлучат дали сакаат европска иднина или не.
„Сепак, тоа треба да го направи Владата бидејќи таа ја презема целосната одговорност и доби максимална поддршка на минатите парламентарни избори, меѓу другото, за да ги реши овие прашања што ќе значат отворање на преговорите за членство и приближување на Македонија кон Европската Унија, паралелно со подобрувањето на животниот стандард и новите вработувања“, изјави Спасовски.
При своето гостување во емисијата „Импакт“ на ТВ Шенја, тој посебен фокус стави на актуелната економска слика во државата. Тој посочи дека граѓаните се соочуваат со катастрофална економија, континуирано поскапување на основните животни намирници и стагнација на платите, вклучително и на минималната плата.
„Имаме слаби приходи, тоа е факт. Еве, до денес не се исплатени социјалните трансфери од страна на Владата, имаме катастрофални политики кои се однесуваат на земјоделството и исплатата на субвенциите. Ова се низа прашања за кои немаме одговор од Владата“, истакна тој.
Спасовски нагласи дека опозицијата не се фокусира исклучиво на прашањето за Европската Унија, туку приоритет е секојдневниот живот на граѓаните.
„Да не испадне сега дека ние се занимаваме само со прашањата за евроинтеграциите, не треба да биде така. Според мене, наше клучно прашање треба да биде заштитата на граѓаните, заштитата на трудот на работниците, на земјоделците и на маргинализираните групи во државата. Сепак, се разбира дека најдобра заштита на сето ова за кое зборувам би била нашата интеграција во Европската Унија, преку преговори да дојдеме до промена на системот. Тоа се многу поважни прашања за животот на граѓаните“, заклучи Спасовски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

