25 септември 2026
• од Гоце Кически
Европратеникот Томас Вајц предупреди Северна Македонија внимателно да ги пресмета економските придобивки и еколошката цена од отворањето и експлоатацијата на рудниците. Пораката ја упати на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија во Собранието.
Вајц рече дека рударството е дел од економската реалност бидејќи на современата индустрија ѝ се потребни суровини, но предупреди дека државата мора внимателно да провери што навистина добива од ваквите проекти.
Според него, клучното прашање е колкав дел од профитот ќе остане во Северна Македонија, а колкави можат да бидат трошоците за природата, водите и здравјето на граѓаните.
Тој посочи дека парите во рударството не се само во ископувањето, туку пред сè во преработката и производството, и го отвори прашањето дали земјата може да остане со еколошките последици, додека најголемиот дел од економската корист завршува на друго место.
Вајц предупреди и на можните последици од загадувањето на реките и праша дали здравствените и другите трошоци за државата на крајот можат да бидат повисоки од приходите што ги носат рудниците.
„Видете добро што добивате, а која цена ја плаќате, бидејќи не е секогаш тоа пресметка што завршува во полза на рударството“, беше суштината на неговата порака.
Неговото предупредување доаѓа во момент кога опозициската СДСМ веќе подолго време остро ги критикува плановите на Владата на Христијан Мицкоски за отворање нови рудници. Партијата тврди дека со новиот Нацрт-просторен план се отвора простор за пет нови рудници и обвинува дека власта ги става природните богатства на Северна Македонија во функција на странски профити.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во повеќе наврати порача дека „Северна Македонија не е на продажба“ и го обвини Мицкоски дека планира да ги стави земјата, рудите и водата на располагање на странски инвеститори. СДСМ побара повлекување на планот и предупреди на можни ризици за водите, почвата и здравјето на населението.
Во таа смисла, изјавите на Вајц отвораат дел од истите прашања на кои опозицијата предупредува: кој ќе го земе профитот, што ќе остане за државата и дали граѓаните на крајот ќе ја платат повисоката цена преку загадување и здравствени последици.
Вајц истовремено посочи дека Северна Македонија има и други развојни можности, особено преку природата и туризмот. Тој ги спомена Пелистер, Галичица, Маврово и Шар Планина како ресурси што можат да создаваат приходи за локалното население без да се загрозува природното богатство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

