27 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Една од водечките бугарски компании во областа на електроопремата и енергетското градежништво – „Ел Контрол“, најави изградба на нов современ производствен завод во градот Стара Загора. Проектот претставува значајна инвестиција за регионот и уште еден чекор во индустрискиот развој на Бугарија.
Документите за градежната дозвола се во завршна фаза на одобрување, а целта е градежните работи да започнат до април оваа година. Според плановите, новата производствена база треба да биде официјално отворена на почетокот на 2027 година. Вкупната инвестиција во изградба и машинска опрема изнесува околу 5 милиони евра, а ќе бидат отворени 50 нови работни места.
Новиот завод значително ќе го зголеми производствениот капацитет на компанијата. Во рекордната 2025 година, „Ел Контрол“ има произведено околу 400 електрични табли од различни типови, додека со новата база годишното производство ќе може да достигне и до 3.000 единици.
Компанијата е основана во 1999 година и има долгогодишно искуство во изградба на трафостаници за индустриски објекти, соларни паркови и системи за складирање енергија во повеќе бугарски градови, меѓу кои Сливен, Јамбол, Нова Загора и Чирпан. Решенијата на „Ел Контрол“ се користат и за управување со јавното осветлување во Стара Загора, каде што се заменети околу 4.800 светилки со енергетски ефикасни LED тела.
Покрај производството, компанијата нуди над 15.000 артикли од реномирани светски брендови како Siemens, ABB, Schneider Electric и други, во областа на електроапаратурата и индустриската автоматизација.
Во 2026 година „Ел Контрол“ планира повторно активирање на своите активности во Германија, каде што од 2021 година има регистрирано подружница. Компанијата веќе поминала низ процеси на преквалификација, обуки и аудити, што отвора реални можности за реализација на нови проекти во странство и формирање специјализиран тим за меѓународни ангажмани.
Во моментов, „Ел Контрол“ вработува околу 160 лица. За 2024 година, компанијата остварила приходи од 24,8 милиони лева, со добивка од речиси 1,5 милиони лева, што ја позиционира како стабилен и растечки индустриски играч во Бугарија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

