05 септември 2026
• од Темелко Тошев
Универзитетскиот професор и поранешен министер Љубомир Фрчкоски во своето најново излагање даде остра анализа за позадината на црковното прашање и добивањето на томосот од Српската православна црква (СПЦ). Според него, потегот на Белград не е чин на добра волја, туку геостратешки маневар за задржување на контролата врз македонската црква и истиснување на Цариград од процесот.
Анализирајќи ја динамиката на настаните од мај и јуни 2022 година, Фрчкоски посочува дека брзината со која СПЦ го призна статусот на МПЦ-ОА и го издаде томосот е симптоматична. Тој смета дека примарната цел на Белград била процесот на признавање да се претстави како исклучиво „српска работа“.
„И потоа на 24 мај 2022 набрзина, односно малку подоцна на 5 јуни, ја признава во Скопје, а потоа на 5 јуни во Белград истиот патријарх му издава томос за автокефалност на архиепископот Стефан. Србите се обидуваат тој процес да го земат назад кај себе како српска работа. Они ни даваат автокефалност, а не Цариград“, посочува Фрчкоски.
Професорот потсетува дека оваа ненадејна подготвеност за решавање на статусот на македонската црква доаѓа по повеќе од половина век систематско негирање. Според него, пресвртот кај српската црковна дипломатија настанал во моментот кога сфатиле дека македонското црковно прашање се движи кон Вселенската патријаршија.
„Оваа брзина на претходно измрцвареното тешко прашање од 55 години игноранција и потценување, сега одеднаш е врзано за тоа дека тие комплетно нè губат од контрола и се обидуваат да нè вратат под контрола“, анализира тој.
Фрчкоски алармира дека ваквиот развој на настаните, поддржан од одредени струи внатре во самата македонска црква, всушност го саботирал патот кон добивање на Томос од Вселенската патријаршија – единствениот акт кој, според каноните, гарантира вистинска и општоприфатена автокефалност во целиот православен свет.
„За жал, оваа српска инсталација во Црквата успева да го блокира процесот на наше добивање на наша вистинска, општа автокефалност, бидејќи одеднаш сега тој процес се збуни“, заклучува Фрчкоски.
Оваа изјава повторно ја отвора дебатата во јавноста околу тоа дали македонската црковна дипломатија треба да продолжи со инсистирањето за добивање официјален Томос од Константинопол или ќе се задоволи со актот издаден од Белград.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

