05 септември 2026
• од Темелко Тошев
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари официјална посета на Украина, каде што се сретна со својот украински колега, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.
Главниот фокус на нивните разговори беше насочен кон можностите за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво. Посебен акцент беше ставен на економската соработка, европската перспектива на двете држави, актуелните безбедносни предизвици, како и на можностите Македонија активно да се вклучи во процесот на закрепнување и реконструкција на Украина.
За време на средбата, министерот Муцунски ја потврди цврстата и континуирана поддршка за Украина. Тој ја нагласи принципиелната позиција за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и меѓународното право.
„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила. А меѓународното право не може да биде прашање на избор кога неговото почитување не ни одговара“, порача Муцунски.
Во дискусијата беше истакнато и значењето на украинската безбедност за пошироката европска и трансатлантска безбедност. Муцунски подвлече дека американското лидерство и европската одговорност мора да дејствуваат заедно за да се создадат услови за праведен и траен мир. Тој изрази надеж дека денот кога ќе се зборува за обнова и просперитет, а не за одбрана, ќе дојде што е можно поскоро, и додаде дека Македонија ќе остане партнер на Украина и во периодот на нејзината реконструкција.
Покрај средбата со Сибиха, за време на посетата Муцунски оствари средба и со Олександр Корниенко, кој е прв заменик-претседател на Врховната рада на Украина. На крајот, двајцата министри оддадоа почит положувајќи цвеќе пред Ѕидот на сеќавањето на паднатите бранители на Украина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

