21 април 2026
• од Темелко Тошев
Нема да има ново судење за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Апелациониот суд ја одби како неоснована жалбата на осудените, со што дефинитивно пропадна нивниот последен обид за повторување на кривичната постапка.
Одлуката на Апелација доаѓа како потврда на претходното решение на Основниот кривичен суд од декември 2025 година. Според второстепениот суд, не постојат суштествени повреди на постапката кои би наложиле нејзино рестартирање.
„Жалбата е неоснована. Судот ги разгледа наводите за повреди на одредбите од ЗКП, но оцени дека првостепеното решение е јасно, разбирливо и содржи доволно аргументи за одлучувачките факти. Не постојат недостатоци кои би ја довеле во прашање законитоста на одлуката“, се наведува во соопштението од Апелациониот суд.
Судскиот совет дополнително појасни дека не може да се впушта во проценки за тоа дали во минатото судии или обвинители сториле прекршоци кои веќе се застарени, ниту пак да ја преиспитува веродостојноста на исказот на заштитениот сведок во оваа фаза.
Осудените и нивната одбрана во повеќе наврати потенцираа дека не бараат милост во форма на амнестија, туку шанса за нов процес во кој би ја докажале својата невиност. Оваа реторика ја поддржа и премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на својот мандат.
„Тие луѓе не бараат амнестија, бараат правда. Јас сум првиот што се залага за правда, но тоа е во надлежност на обвинителството и судовите,“ изјави претходно Мицкоски. Сепак, по последната судска одлука, институционалниот пат за „правдата“ што ја бараа осудените изгледа затворен.
За упадот во Собранието во моментов затворски казни издржуваат 16 лица. Тие се осудени за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, со вкупни казни кои се движат од 7 до 16 години затвор.
Со оваа одлука на Апелација, случајот „27 април“ добива уште една правна завршница, оставајќи ги осудените на издржување на веќе изречените повеќегодишни казни.
Фон дер Лајен му честиташе на Радев: „Бугарија е горд член на европското семејство“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

