12 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Околу 50 вработени во Универзитетската клиника за детски болести денеска излегоа на протест пред Министерството за здравство, изразувајќи го својот револт поради нивниот нерешен работен статус. Тие веќе половина година работат без да земат плата и без да им бидат продолжени договорите за работа.
Револтот кај вработените кулминира откако надлежните институции со месеци си ја префрлаат одговорноста, а нивниот проблем останува нерешен. Иако претходно реагирале до Министерството за финансии и добиле ветувања дека ќе се направат напори за надминување на ситуацијата, нивниот статус сè уште виси во воздух. Во моментов, вработените очекуваат итна средба со министерот за здравство, Азир Алиу.
Особено незадоволство меѓу присутните предизвикала неодамнешната изјава на министерот за здравство, кој нивниот ангажман го оквалификувал како „волонтерски“. Вработените категорично го отфрлаат ова тврдење, посочувајќи дека станува збор за персонал кој со години е дел од Клиниката.
„Работевме шест месеци без ниту еден одговор. Одговорот од Министерство за финансии ни стигна дури во април, а ние за тие месеци сме работеле чесно и сме ѝ служеле на Клиниката и на децата. Пред два-три дена министерот излезе и изјави дека сме биле волонтери, а ние немаме потпишано ниту еден документ дека сме работеле како волонтери до сега“, изјави Седат Буши, еден од засегнатите вработени на Клиниката.
Според неговите зборови, директорот на Клиниката е немоќен и сè уште очекува позитивен одговор од Министерството за финансии за овие 50 лица официјално да можат да се вратат на работа со регулиран статус.
На новинарско прашање дали навремено се поднесени потребните барања за продолжување на договорите, Буши објасни дека административната процедура е почната уште кон крајот на минатата година, но институциите непотребно одолговлекуваат.
„Документите се поднесени од декември. Значи, за истите луѓе станува збор што сме работеле во 2024, 2025 и сега за 2026 година. Одговорот засега е негативен. Бевме минатата недела во финансии, тие ни рекоа ’ќе почнеме од почеток, ќе видиме‘,“ додава Буши, нагласувајќи ја нелогичноста на изјавите на здравствените власти:
„Министерот за здравство изнесува зборови кои немаат никаква база. Не може да бидеме вработени и да земаме плата до декември 2025-та, а од јануари наеднаш да бидеме волонтери – тоа нема логика.“
Останува да се види дали Министерството за здравство и Министерството за финансии конечно ќе најдат заеднички јазик и итно правно решение за луѓето кои изминатиот период се грижеле за најмладите и најранливи пациенти, а за својот труд не добиле никаков паричен надомест. Вработените најавуваат дека нема да се откажат од своите барања додека нивниот работен статус не биде целосно и законски регулиран.
Нови мерки против пожарите: Од 1 јули се забранува движење во шума без дозвола
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

