03 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Богданка Кузеска, упати остри критики кон економските политики на Владата предводена од Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за неодговорно задолжување и влошување на финансиската состојба на државата.
Според Кузеска, државата се задолжува со „невидено темпо“, при што само во првите три месеци од годината е создаден нов долг од 700 милиони евра. Таа нагласи дека овој товар директно паѓа врз граѓаните и идните генерации.
„За само две години од доаѓањето на власт на Мицкоски, јавниот долг е зголемен за 2,3 милијарди евра и достигна историски највисоко ниво од 10 милијарди и 774 милиони евра“, изјави Кузеска, додавајќи дека станува збор за нето задолжување, односно чист нов долг.
Од СДСМ посочуваат дека паралелно со растот на долгот, граѓаните не добиваат соодветна поддршка. Како што беше истакнато, нема зголемување на платите, минималната плата не се покачува на 600 евра, а недостасуваат и мерки за справување со растот на цените и сиромаштијата.
Кузеска ја обвини Владата дека средствата од задолжувањето се користат за „криминални тендери“ и „организирани шеми за извлекување пари“, наместо за развојни политики. Таа оцени дека станува збор за власт која работи во сопствен интерес, а не во интерес на граѓаните.
Дополнително, беше потенцирано дека буџетскиот дефицит во првите три месеци достигнал 408 милиони евра, што според СДСМ е показател за сериозен дисбаланс во јавните финансии. Приходите, како што беше наведено, се реализирани со само 20 проценти.
„Ова е директен демант на тврдењата дека Македонија е ‘трета економија во Европа’. Реалноста е дека економијата тоне, а граѓаните осиромашуваат“, рече Кузеска.
Од СДСМ предупредуваат дека ваквата економска политика е неодржлива и води кон финансиска нестабилност, повикувајќи на итна промена на економскиот курс.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

