13 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес Православната Црква молитвено го спомнува споменот на Светиот маченик Парамон и на уште триста и седумдесетмина христијани кои заедно со него пострадаа за верата Христова.
Во третото столетие, во областа Витинија Азиска, христијаните беа изложени на сурови прогонства од страна на римските власти. Таму владееше кнезот Аквилин, човек со ожесточено срце и голема омраза кон следбениците на Христос. Тој фати триста и седумдесет христијани и, врзани, ги одведе до храмот на идолскиот бог Посејдон. Со закани и насилство ги принудуваше да се поклонат на идолот и да принесат жртва, уверувајќи ги дека непослушноста ќе ја плати секој со својот живот.
И покрај смртните закани, ниеден од христијаните не се откажа од својата вера. Нивната решителност и духовна сила сведочеа за живиот Бог, Кому Му служеле со чисто срце.
Во тој миг, покрај храмот минувал чесен и побожен човек по име Парамон. Кога дознал што се случува, тој со голема болка и ревност јавно извикал дека кнезот сака да погуби невини и праведни луѓе затоа што одбиваат да им се поклонат на неми и мртви идоли. По овие зборови, Парамон го продолжил својот пат, но неговото сведоштво не останало неказнето.
Разјарениот Аквилин наредил веднаш да го стигнат и убијат. Слугите го фатиле и со нечовечка суровост го мачеле: најпрво му го прободеле јазикот, а потоа го разголиле и му го избоделе целото тело. Во тие тешки страдања, Свети Парамон Му ја предал својата душа на Бога со молитва и со тивка вера.
По неговата смрт, и трите стотини и седумдесетмина маченици беа погубени со меч. Како вистински синови Божји и како невини јагниња, тие ја запечатија својата вера со крв и преминаа во бесмртното Царство на Господ Исус Христос.
Светиот маченик Парамон и светите триста и седумдесет маченици пострадаа околу 250 година, оставајќи силно сведоштво за храброст, верност и непоколеблива љубов кон Бога, која и денес ја укрепува верата на христијаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

