17 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Православната црква денеска го чествува споменот на Преподобен Јоаникиј Ракотински, скромен, но голем духовник кој целиот свој живот го посвети на молитвата, служењето на народот и возобновувањето на духовните огништа во Македонија.
Роден е на Божик во 1847 година во Охрид, во време исполнето со немир и неизвесност. Рано го почувствувал повикот кон монашкиот живот, па во 1873 година го примил монашкиот потстриг во манастирот „Св. вмч. Пантелејмон“ во Нерези. Неговиот духовен пат продолжил низ неколку манастири: Горен „Св. Илија“ во с. Бањани, а потоа и Марковиот манастир, каде што ја зацврстил својата вера и подвиг.
Желбата да служи на народот го довела до селото Ракотинци, каде што го обновил манастирот „Св. Илија“ и го претворил во духовно прибежиште за сите што барале утеха и помош. Во 1896 година основал келијно училиште за деца, со што ја продолжил традицијата на духовно-просветителската работа, толку значајна за македонскиот народ во тоа време.
Познат е и по тоа што ги лекувал луѓето со молитви, но и со билки и лекови од природата. Во најтешките години под турско владеење, за време на Балканските војни и Првата светска војна, преподобниот Јоаникиј останал духовна поткрепа на народот. Неговото трпение и храброст биле ставани на искушение многупати – турски и арнаутски одметници се обидувале дури и да го убијат, но тој останал непоколеблив.
Во 1913 година бил произведен во игумен, а во 1935 година ја добил честа да биде воздигнат во архимандрит. Се упокоил на 24 јануари 1940 година, оставувајќи зад себе трајен белег на светост и милост. По неговата смрт, неговото тело во повеќе наврати било откривано нетлено и со благоухан мирис – сведоштво што многумина го сметаат за знак на неговата светост.
Денес, Преподобен Јоаникиј Ракотински е пример за скромност, пожртвуваност и вистинска љубов кон Бога и својот народ. Неговото дело и подвиг продолжуваат да инспирираат и да потсетуваат на силата на верата во најтешките времиња.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

