21 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес православните верници го слават Свети Архангел Михаил – еден од најпочитуваните небесни заштитници и водичи на духовниот свет. Овој празник, познат и како Арангеловден, носи длабока симболика и силни христијански поуки за борбата меѓу доброто и злото, за праведноста, но и за човечката солидарност.
Според христијанското учење, пред да биде создаден видливиот свет – земјата, небото, ѕвездите и човекот – Бог го создал духовниот свет составен од бестелесни сили. Сите ангели биле создадени како добри, сè до моментот кога Деница – познат на латински како Луцифер – не се возгордеал поради силата што му била дарена. Неговата гордост довела до отпадништво, а со себе повлекол и дел од духовите кои се двоумеле.
Во овој судбоносен момент се издигнал Архангел Михаил, кој застанал на чело на неотпаднатите ангели и прв се спротивставил на злото. Затоа се нарекува војвода на ангелските сили – небесниот борец кој ја штити Божјата волја.
Зборот „ангел“ на грчки значи „гласник“, додека „демон“ значи „злосторник“. Црквата учи дека ангелите се поделени на девет чинови групирани во три степени:
Секој човек, со примањето на светото крштевање, добива свој ангел чувар – „ангел на мирот“, кој ја штити душата и телото. Мнозина барем еднаш почувствувале внатрешно предупредување или поттик во тешки мигови – гласот на совеста кој е тесно поврзан со духовното водство.
Според преданието, постојат осум архангели:
Празникот за сите небесни сили се слави на 8 ноември по стариот, односно 21 ноември по новиот календар, како ден на нивна заедничка почит.
Архангел Михаил е една од најчестите слави кај македонскиот народ. Верниците овој ден го одбележуваат со присуство на богослужба, молитва за здравје, духовен напредок и заштита од зло. Кај оние што го празнуваат како семејна слава, традиционално се подготвува славски колач.
Во многу краеви низ Македонија постои убав обичај на Арангеловден да им се помага на сиромашните. Се верува дека Архангел Михаил особено ги благословува оние што покажуваат милост, сочувство и грижа за ближниот. Дарувањето не е само христијански чин, туку и длабоко вкоренет израз на човечноста, солидарноста и заедништвото.
На овој празник именден слават сите што го носат името: Ангел, Ангеле, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и други изведени форми.
Свети Архангел Михаил е симбол на храброст, правда и Божја заштита. Го славиме како застапник пред Бога, како чувар на човештвото и како потсетник дека доброто секогаш има свој небесен бранител. Нека празникот донесе мир, здравје и благослов во секој дом.
Се проширува истрагата за трагедијата во „Пулс“: Опфатени лица од УЈП и ДПИ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

