08 јули 2026
• од Темелко Тошев
Вистинскиот патриотизам денес се мери преку квалитетот на здравството, образованието и инфраструктурата, а не преку дневно-политички препукувања и отворање теми кои предизвикуваат раздор. Ова го истакна Арбен Таравари при неговото гостување во поткастот „Почетна пресметка“, каде што отворено зборуваше за актуелните политички случувања и меѓуетничките односи во државата.
Според него, фокусот на општеството мора да биде насочен кон суштинските потреби на граѓаните и решавање на реалните проблеми.
„Сега патриотизам е да зборуваш за квалитетно образование, здравство, добри пензии, добри училишта и факултети. Теми треба да бидат добрата социјала, инфраструктурата, водоводот и канализацијата, како и зелената агенда. Со тоа се согласувам,“ посочи Таравари, додавајќи дека тоа се вистинските приоритети за кои треба да се дебатира во јавноста.
Тој упати и директна критика кон одредени потези кои, според него, непотребно иритираат и создаваат поделби, посочувајќи го како пример менувањето на двојазичните табли пред државните институции.
„Зошто иритираш и отвораш такви теми? Едноставно, влегува министер или директор на ВМРО и утредента ги менува таблите пред институцијата од двојазични во еднојазични. Ги прават и печатите еднојазични. Во овие времиња на државата ѝ треба кохезивност. Значи сплотеност и заедништво,“ нагласи Таравари.
Осврнувајќи се на дебатите околу јазикот на кој треба да се полагаат стручните испити, Таравари смета дека најважно е реалното знаење на кандидатите, додека пазарот на труд и професионалните обврски самите ќе ја наметнат потребата од познавање на македонскиот јазик кај сите граѓани.
„Дајте нека полага тој што знае. Дали ќе полага на албански или на македонски, не е битно. Утре, ако некој сака да биде судија или адвокат и да работи со клиенти, тој мора да го знае јазикот. За него, тој сам ќе трча да го научи македонскиот јазик за да си ја олесни самата работа, затоа што нема да се насочи да работи само со Албанци,“ заклучи тој во поткастот „Почетна пресметка“.
Невообичаен инцидент во Штип: Багер урна дел од куќа додека семејството спиело
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

