22 мај 2026
• од Гоце Кически
Дали еден од најголемите „балони“ на македонскиот пазар на недвижности почнува да пука? Додека цените на становите со години го достигнуваа својот врв, социјалните мрежи „вријат“ од незадоволство, а еден твитерџија со псевдоним „Man from Skopje“ предвидува драматичен пресврт кој наскоро би можел да ги принуди инвеститорите и агенциите да ги менуваат стратегиите.
На социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер), корисникот „Man from Skopje“ објави анализа која предизвика лавина од коментари, посочувајќи дека еуфоријата околу купувањето станови конечно спласнува, а народот, исцрпен од високите камати и економската реалност, вели „стоп“.
Во својата објава, тој е директен и суров кога станува збор за куповната моќ на граѓаните. Според него, „народов се испука“, а голем дел од населението е веќе длабоко заглавено во кредити, камати и рати за претходно купени недвижности.
„Не се јадат ѕидови. Половина заглавени во кредити, камати, рати, „ќе се снајдеме“... Банките профитираа, државата профитираше, а урбаната мафија никна на секој агол“, пишува тој.
Твитерџијата ги разобличува и добропознатите маркетинг-техники што долго време се користеа за создавање вештачка побарувачка: „Сѐ е распродадено“, „Останаа уште два стана“, „Последна шанса“. Според него, овие фрази повеќе не влеваат страв од пропуштена можност кај купувачите, туку напротив, предизвикуваат недоверба.
Тој укажува на феноменот на „виртуелната продажба“ каде што исти станови со години се вртат по огласниците, само со сменети фотографии, нови филтри и прилагодени цени.
Остра критика упати и кон државните институции, обвинувајќи ги дека стојат на страна додека урбаната мафија го диктира темпото на живот. Тој посочува дека е апсурдно 35 квадрати станбен простор да се рекламираат и третираат како „луксузен живот“, додека реалноста на терен е поинаква.
Заклучокот на „Man from Skopje“ е јасен: народот се освестил, а куповната моќ е исцрпена. Тој смета дека ерата на диктирање услови од страна на инвеститорите е при крај.
„Истите тие што глумеа „инвеститори“ и „агенти“ си го вртеа истиот круг, но сега веќе нема кој да купува. Со овие цени купување нема. Ќе дојде момент кога ќе молат да продадат“, заклучува тој.
Останува да се види дали ова предвидување ќе се оствари и дали пазарот на недвижности во земјава ќе се соочи со корекција на цените, или, пак, понудата и побарувачката ќе најдат некоја нова рамнотежа во иднина.
Шукова до Тошковски: Убиства, дрога и хаос – колку жртви уште треба за оставка?
Нов граничен премин меѓу Бугарија и Србија: Се гради стратешка врска за Северозападот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

