22 мај 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, за време на своето обраќање на Самитот за одбрана во Атина, стави акцент на две клучни прашања: меѓуетничките односи во Северна Македонија и иницијативата на германскиот канцелар за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Коментирајќи ја иницијативата на Фридрих Мерц, Османи истакна дека ја поддржува идејата за поблиска соработка, но јасно порача дека тоа во никој случај не смее да биде алтернатива за полноправно членство во ЕУ, ниту за Украина, ниту за земјите од нашиот регион.
Голем дел од говорот на Османи беше посветен на значењето на Охридскиот рамковен договор, кој тој го опиша како „архитект на мултиетничката држава“.
„Охридскиот мировен договор беше самата мултиетничка архитектура на државата. Тој претставуваше мировен договор меѓу двете најголеми заедници – Македонците и Албанците – во еден историски момент, со цел да изградиме унитарна држава, но според моделот на консоцијативна демократија на Аренд Лијпхарт. Тоа е нешто слично на Јужен Тирол во Италија, каде постои поделба на власта, јазична рамноправност, правична застапеност и Бадентерово мнозинство, каде европската перспектива е суштината на оваа архитектура“, истакна Османи.
Османи се осврна и на актуелните протести на студентите во Скопје, кои бараат полагање на правосудниот испит на албански јазик. Според него, блокирањето на ова право е директно кршење на принципите утврдени со Охридскиот договор.
„Само пред два дена можевте да видите илјадници албански студенти како протестираат во Скопје бидејќи Владата одлучи да го заобиколи Уставот и Законот за јазици, не дозволувајќи им да го полагаат правосудниот испит на нивниот мајчин јазик“, заклучи потпретседателот на ДУИ.
Шукова до Тошковски: Убиства, дрога и хаос – колку жртви уште треба за оставка?
Нов граничен премин меѓу Бугарија и Србија: Се гради стратешка врска за Северозападот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

