23 јули 2026
• од Гоце Кически
Од опозициската партија Левица упатија остри критики до министерот за здравство Сашо Клековски, откако тој ги нарече „слободни јавачи на епидемијата“ докторите кои не се епидемиолози или инфектолози, а јавно ја коментираат алармантната состојба со водата за пиење во Гостивар. Партијата обвинува дека министерот се обидува да ги замолчи медицинските експерти за да ги прикрие институционалните пропусти.
Според Левица, наместо преземање одговорност за ширењето на гастроентеритисот во Гостивар, министерот се занимава со обвинувања на сметка на стручната фела. Од партијата оценуваат дека ваквото однесување претставува обид за замолчување на медицинските експерти кои укажуваат на проблемите во здравствениот систем.
„Во момент кога Гостивар се соочува со една од најтешките здравствени катастрофи, министерот Клековски не најде за потребно да се извини за институционалниот пропуст, да ја преземе одговорноста или да одговори како системот дозволил подолго време да не го запримети проблемот. Наместо тоа, одлучи да им држи лекции на докторите и да ги обвинува дека зборуваат за лајкови и кликови. Ова е типична ароганција на вмровски комесар“, се вели во партиското соопштение.
Левица потенцира дека професионалниот пат на Клековски е поврзан со невладин сектор и консултантска работа, а не со директна болничка работа со пациенти.
Особена критика е упатена кон кадровските решенија на актуелната власт во здравствениот сектор, конкретно за назначувањето на Марија Андоновска за директорка на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
„Институцијата која треба да биде национален столб на епидемиологијата, микробиологијата и превентивната медицина е доверена на партиска функционерка од областа на стоматологијата, додека критиките се насочени кон професори, доктори и експерти кои јавно укажуваат на пропустите.“
Според логиката на владејачката партија, велат од Левица, „министер може да биде човек без долгогодишно клиничко искуство, стоматолог може да раководи со клучна институција за јавно здравје, но доктор што не е дел од партискиот хор треба да молчи за да не собира лајкови“.
Изјавата на Клековски дека докторите кои коментираат се „слободни јавачи на епидемијата“ дојде како одговор на новинарско прашање за предупредувањата на експертите дека може да се очекува нов бран пациенти во Гостивар, поради различниот период на инкубација на вирусите.
На ова директно реагираше и професорот д-р Никола Пановски, кој од самиот почеток ја следи состојбата во градот и прв предупреди дека има услови за прогласување епидемија. Преку објава на Фејсбук, д-р Пановски му порача на министерот самиот да ги предупреди медиумите повеќе да не му бараат изјави.
Заклучокот на Левица: „Кога аматерите се на функции, а професорите се повикуваат да молчат, тогаш проблемот не е во лајковите и кликовите, туку во режимската потреба секоја медицинска вистина прво да добие партиска дозвола. Во таков систем најголемата опасност не се докторите што зборуваат, туку функционерите што не знаат.“
Каде се вардарците? Скромна посетеност на Арената за 79. роденден на најтрофејниот!
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

