30 мај 2026
• од Темелко Тошев
Македонија има капацитет да ги сервисира долговите, но клучното прашање е дали државата има стратегија тие позајмени средства да ги искористи за создавање економска додадена вредност, наместо за покривање на тековни трошоци како плати во администрацијата и пензии. Ова го истакнува универзитетскиот професор Абил Бауш, анализирајќи ги новите задолжувања од 260 милиони евра и севкупната фискална стратегија на државата.
Осврнувајќи се на прашањето дали земјава може да ги враќа долговите, професорот Бауш е дециден дека сервисирањето не е спорно, но цената на чинење и наменското трошење се главните предизвици.
„Дали може ние да сервисираме долгови? Да. Колку и да земеме ќе сервисираме, но тие задолжувања нè коштаат. Во пазарот на пари, секогаш ќе зависиме од кредитниот рејтинг кој го имаме, како и од цената на чинење која треба да ја платиме за да ги земеме тие средства. Но, друго прашање е дали ние имаме стратегија да ги вратиме тие средства, и дали таа стратегија ќе ја користиме за некоја економско додадена вредност за што се задолжуваме“, посочува Бауш.
Високиот долг удира директно врз стандардот на граѓаните
Според него, неопходно е да се направи јасна дистинкција помеѓу апсолутните бројки на долгот и неговото влијание врз економијата. Тој појаснува дека иако Македонија не спаѓа во групата на високо ризично задолжени држави, ефектите од долгот се чувствуваат многу посилно отколку во развиените земји.
„Има и други држави кои се повеќе задолжени во однос на нивното БДП. САД и Јапонија се многу повеќе задолжени, но тие ги сервисираат и ги враќаат долговите. Во една анализа која ја направивме на нашиот Универзитет, дојдовме до заклучок дека во овие високо задолжени држави, влијанието на јавниот долг кон граѓанинот не е големо, за разлика од кај нас. Иако ние не сме ризично високо задолжена држава, сепак нашиот долг влијае многу врз стандардот на животот на граѓаните“, анализира универзитетскиот професор.
Главниот проблем, според Бауш, лежи во непродуктивните трошења. Тој предупредува дека државата мора да креира политики каде земениот долг прво ќе создава вредност во самата економија, за потоа самиот да се сервисира во етапи.
„Ризикот кај нас е што сервисираме стари долгови, но другиот ризик е што се задолжуваме за дневни, односно квартални потреби – за пензии, за плати во администрацијата“, дециден е тој.
Сивата економија и ограничениот капацитет за раст
Коментирајќи ја Фискалната стратегија 2027-2031, која става фокус на стабилни јавни финансии, економски раст и сузбивање на неформалната економија, Бауш останува скептичен, нагласувајќи дека станува збор за реторика која се повторува со децении.
„Уште кога студиравме ние слушавме како таа сива економија да ја претвориме во нормална, реална економија. По некои статистики, 38% од БДП ни е сива економија. Но, ова не ме загрижува толку, колку фактот што тој реформски курс кој треба да го направиме за да ја легализираме сивата економија – јас не го гледам во стратегијата. Кога правиме стратегија, без разлика кој закон го носиме, јас не гледам, ниту чувствувам дека тој се интегрира со останатите закони“, забележува професорот.
Како индикатор за слабата ликвидност во стопанството, тој го посочува и темпото на враќање на ДДВ-то кон компаниите.
Заклучокот на професорот Бауш за економската перспектива на земјава е јасен и предупредувачки:
„Со оваа работна сила, со овие владини институции и администрација, нашата економија не може да генерира повеќе од 4% економски раст.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

