29 мај 2026
• од Темелко Тошев
Масовната емиграција на младите семејства и драстичниот пад на наталитетот имаат мрачно влијание врз празнењето на државата. Ова директно го погодува образовниот систем, оставајќи стотици училишни објекти ширум Северна Македонија без ученици, пренесува новинската агенција ИНА.
Овој тренд доведе до тоа само минатата година во 147 училишта во државата, претежно во периферните средини, да нема ниту едно запишано дете во прво одделение. Сепак, министерката за образование, Весна Јаневска, уверува дека наставниците нема да останат без работа.
„Владата вложува напори преку конкретни политики и мерки сите наставници да ги задржат своите работни места, и покрај тоа што бројот на ученици е значително намален во последните години, а минатата година во 147 периферни училишта не беше запишан ниту еден ученик. Меѓу другото, поради оваа причина воведуваме едносменска настава и продолжен престој во училиштата, со цел наставниците да имаат дополнителни активности, целосен фонд на часови и да земаат целосна плата. Во овој процес ни помагаат нашите големи партнери, УНИЦЕФ и Светската банка“, истакна министерката Јаневска.
Во период од нешто повеќе од 20 години, забележан е голем дисбаланс помеѓу бројот на ученици и наставниот кадар:
„Како резултат на ова, националниот просек падна од 18 ученици по наставник на 11,4 ученици по наставник, во споредба со просекот на ОЕЦД кој изнесува 15 ученици по наставник“, нагласи Јаневска.
Таа додаде дека поради ваквата нерамномерна состојба, околу 90%, а во некои општини дури и до 100% од средствата наменети за образование се трошат исклучиво на плати. Ова остава минимален, или речиси никаков простор за капитални инвестиции во инфраструктурата, набавка на современа опрема и професионален развој на кадарот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

