29 јули 2026
• од Темелко Тошев
Иако македонските закони строго наложуваат храната да може да се следи од примарното производство до крајната продажба, реалноста на терен е сосема поинаква. Следниот пат кога ќе пазарувате овошје и зеленчук во локалниот маркет или на пазарче, запрашајте се – знаете ли навистина од каде доаѓа таа храна?
Во јавно достапните информации во Македонија не постои интегрирана база од која граѓаните можат да утврдат од која парцела потекнува производот, со каква вода бил наводнуван, кои средства за заштита биле употребени и дали таа пратка е лабораториски испитана. Ова е едно од основните правила на Европската Унија кое кај нас останува само слово на хартија.
Закони има, но дали се применуваат?
Законот за безбедност на храната е јасен и го наложува моделот „еден чекор назад, еден чекор напред“. Маркетот треба да знае од кого го набавил производот, дистрибутерот треба да го знае увозникот или производителот, а откупувачот треба да го идентификува земјоделецот.
Но, законската обврска не значи дека синџирот е документиран во пракса, особено кога производите на зелените пазари се продаваат рефус, се мешаат со друга стока или минуваат низ неформални канали. Честопати, за купувачот нема јасна разлика дали продавачот на тезгата е вистинскиот производител или само препродавач.
Најголемата „дупка“ – Водата за наводнување
Најголемата институционална празнина лежи во водата за наводнување. Не постои јавна национална евиденција во која за секој производител е наведено од каде ја наводнува парцелата (бунар, река, локален канал) и кога таа вода последен пат била лабораториски анализирана. Разликата е суштинска – загадената вода може да пренесе бактерии, паразити и тешки метали директно врз производите што завршуваат на нашата трпеза.
Контролите се прават само на мостри, не на целата понуда
Иако институциите уверуваат дека „храната се контролира“, официјалните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се темелат на процена на ризик и земање мостри, а не на лабораториско тестирање на секој производ. Постари официјални податоци покажуваат наоди со остатоци од пестициди, нитрати и тешки метали, што докажува дека ризиците по здравјето не се само хипотетички.
Маркетите располагаат со документи за добавувачите, но потрошувачот најчесто добива само штури информации за називот, цената и земјата на потекло. На зелените пазари состојбата е уште полоша – потеклото се кажува усно или на мала табла, без никаков механизам за проверка.
Што треба да се преземе?
Не ни требаат нови закони, туку доследна примена на постоечките. АХВ и Министерството за земјоделство мора јавно да објавуваат колку производители се регистрирани, колку контроли се извршени на терен, колку извори за наводнување се анализирани и кои неправилности се утврдени.
Без вакви податоци, законската следливост на храната останува само мртво слово на хартија, а граѓаните и понатаму ќе немаат целосна информација за патот на храната од нивата до нивната чинија.
Се додека институциите не обезбедат вистинска транспарентност и сигурност за безбедноста на храната, не треба воопшто да се чудиме на алармантниот пораст на канцерогени заболувања во државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

