29 јули 2026
• од Темелко Тошев
Проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“, кој треба да биде еден од најзначајните културни потфати за градот и државата, се соочува со сериозни обвинувања за нетранспарентност и ризици од корупција. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата алармира за скандалозен Предлог-закон, поднесен по скратена постапка во Собранието, со кој планираните 21 милион евра ќе се трошат без примена на Законот за јавните набавки.
Опасен преседан и широка врата за корупција
Според спорниот Предлог-закон, Град Скопје треба да основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“, која целосно ќе се изземе од општиот систем за јавни набавки. Ова значи дека набавките на стоки, услуги, опрема, но и на градежни и инфраструктурни работи, ќе се реализираат „во четири очи“, надвор од пазарната конкуренција и воспоставените контролни механизми.
Од Платформата на граѓански организации предупредуваат дека ваквото изземање на Фондацијата, која се финансира со јавни пари, создава нееднаквост на институциите пред законот и поставува исклучително опасен преседан кој во иднина би можел да се користи за секој проект прогласен за „приоритетен“.
Кој ги контролира парите?
Вкупниот буџет за овој мега-проект тежи дури 21 милион евра. Од нив, огромни 95 отсто паѓаат на товар на државниот буџет и буџетот на Град Скопје, додека 500.000 евра се средства од европските фондови. Со оглед на јавното потекло на парите, граѓанскиот сектор смета дека е неопходно повисоко, а не пониско ниво на транспарентност.
Дополнителен сомнеж фрла и управувањето со самата Фондација. Иако Советот на Град Скопје ја основа, градоначалникот ќе има широка и ексклузивна дискреција да ги именува и разрешува членовите на Управниот и Надзорниот одбор, како и директорот, без претходно утврдени минимални критериуми за стручност и професионалност. Потсетуваме, за директор на Фондацијата во јуни веќе беше назначен Марјан Цветковски, поранешниот долгогодишен директор на Македонската радио телевизија (МРТ).
Апсурдот, според Платформата, оди дотаму што Одборот на Фондацијата истовремено ќе ги планира набавките, ќе ги формира комисиите, ќе одлучува кому да му ги додели тендерите и самиот ќе одлучува по приговорите од незадоволните страни – концентрирајќи ја целата моќ во една иста структура, без независна жалбена постапка.
Барање за итно стопирање на законот
Предлог-законот воопшто не бил објавен на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи), за него не е спроведена јавна расправа, ниту пак има антикорупциска проценка.
Поради овие сериозни пропусти, Платформата бара од Собранието веднаш да го стопира донесувањето на овој закон и да го одбие неговото туркање по скратена постапка. Истовремено, упатен е апел до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да го разгледа документот и да ги посочи отворените корупциски ризици пред јавноста и законодавниот дом.
Останува да се види дали надлежните ќе го слушнат гласот на граѓанскиот сектор или подготовките за „Скопје 2028“ ќе започнат со дамка на нетранспарентно трошење на милиони евра народни пари.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

