24 август 2026
• од Темелко Тошев
Холандија нема да биде дел од натпреварувањето за песна на Евровизија во 2027 година, кое е планирано да се одржи во мај следната година во Бургас, Бугарија. Оваа одлука ја соопшти холандскиот јавен радиодифузер AVROTROS, наведувајќи дека натпреварот повеќе не може да се смета за „доволно неутрален“. Главните причини за ваквиот чекор се тековните геополитички конфликти, особено учеството на Израел на манифестацијата, пренесува Euronews.
Од AVROTROS како клучни фактори за повлекувањето ги посочуваат тешката хуманитарна состојба во Газа, ограничувањата на слободата на медиумите и растечките политички тензии кои го опкружуваат конкурсот.
Во текот на изминатата година, холандскиот радиодифузер континуирано бараше од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) да воведе јасни и транспарентни правила кога станува збор за учество на земји вклучени во воени конфликти. Според AVROTROS, неодамнешните промени направени од страна на ЕБУ не обезбедуваат доволни гаранции дека е вратен независниот и неутрален карактер на Евровизија.
Тако Цимерман, генерален директор на AVROTROS, истакна дека „Евровизија“ првично била создадена со цел да ги обедини луѓето и државите. Сепак, тој смета дека меѓународните конфликти сè повеќе влијаат врз натпреварот, поткопувајќи ја неговата неутралност. Тој додаде дека учеството во 2027 година повеќе не би било во согласност со основните вредности на радиодифузерот – сигурност, независност и хуманост.
За својата одлука, AVROTROS ја извести холандската јавна медиумска организација NPO, враќајќи ѝ ја одговорноста за идното учество на земјата. Останува NPO да одлучи какви чекори ќе преземе во врска со натпреварот во 2027 година.
Ова не е првпат Холандија да го бојкотира натпреварот поради истите причини; земјата не учествуваше ниту на Евровизија 2026 во Виена. Тогаш, покрај Холандија, учеството го откажаа и Исланд, Шпанија, Ирска и Словенија. Ваквиот развој на настаните доведе до значителен пад на гледаноста – од 166 милиони гледачи во претходната година, на околу 131 милион.
Инаку, Бургас беше официјално избран за град-домаќин на 71-то издание на Евровизија на 13 август, по победата на бугарската претставничка ДАРА со песната „Бангаранга“ на годинешното издание во Виена. Ова ќе биде првпат Бугарија да биде домаќин на овој престижен музички настан. Полуфиналните вечери ќе се одржат на 11 и 13 мај, додека големото финале е закажано за 15 мај во салата „Арена Бургас“.
Откажувањето на Холандија е првиот сериозен бојкот по изборот на Бургас за домаќин и јасно покажува дека контроверзите околу учеството на Израел продолжуваат да фрлаат сенка врз Евровизија, и покрај обидите на ЕБУ за промени во правилата.
СДСМ: Мицкоски бара алиби за избори по сценарио на српските и руските служби
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

