29 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Претседателот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција јасно порача дека партијата ќе го блокира носењето на измените на Изборниот законик доколку во него останат решенијата кои, според него, претставуваат директна политичка дискриминација кон нивната партија. Тој нагласи дека во ниту еден момент не бил постигнат консензус за предложените измени.
„Во ниту еден момент не се постигна консензус за ваков Изборен законик“, истакна Апасиев.
Според лидерот на Левица, по завршувањето на работните состаноци останале отворени пет суштински прашања за кои нема договор:
Апасиев потенцираше дека ставот на Левица од самиот почеток е јасен – наместо парцијални измени и крпење на законите, потребно е да се донесе целосно нов Изборен законик. Постојниот текст тој го нарече „номотехничка каша“ која е тешко разбирлива дури и за правните експерти.
Учеството на претставници на Левица во работната група, како што појасни тој, не значи и автоматска согласност со предложените решенија, поради што Министерството за правда мора да ја преземе целосната одговорност како предлагач.
Најголемите критики од страна на Левица се насочени кон државното финансирање на изборните кампањи. Ставот на партијата е дека треба да постојат еднакви услови за сите политички субјекти, или пак, целосно да се укине државното финансирање и кампањите да се преселат исклучиво на јавни дебати.
„Наместо еднакви правила, остануваат истите законски решенија кои и ОБСЕ ги оцени како спорни. Повторно за сите има средства, освен за Левица, што претставува класична политичка дискриминација. Со двајца пратеници Левица добиваше повеќе средства отколку денес со шест пратеници. Тоа нема никаква разумна логика“, рече Апасиев.
Тој посочи дека големите партии добиваат огромни суми од државниот буџет кои се користат за влијание врз медиумите.
„Ние сме спремни и да нема платено политичко рекламирање, односно да има само ТВ дебати. Милион и пол евра се за големите играчи и тие пари служат за купување на уредувачка политика и за купување на редакции. Да бидеме реални, никој не гледа спот на телевизија, има социјални медиуми за тоа“, заклучи лидерот на Левица.
Апасиев најави дека Левица повторно ќе побара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 76-д од Изборниот законик, одредба која, според него, ја исклучува партијата од системот на државно финансирање. Тој го повика Судот да постапи по нивната иницијатива која веќе повеќе од една година стои во фиока без донесена одлука.
На крајот од прес-конференцијата, Апасиев упати директно предупредување до парламентарното мнозинство пред очекуваниот влез на законот во собраниска процедура:
„Апелираме на разумност и овој процес да не се саботира. Во спротивно, пратениците на Левица уште денес ќе го блокираат донесувањето на Изборниот законик.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

