29 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Група еколошки организации и иницијативи упатија заедничко барање до Владата за итно и целосно поништување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“. Повикувајќи се на истечени законски рокови и десетгодишниот отпор на локалното население, тие предупредуваат дека нема да прифатат никакво друго решение освен конечно запирање на овој проект.
Во своето соопштение, екологистите посочуваат дека правните аргументи се на нивна страна и дека рокот за добивање дозвола за експлоатација е одамна изминат.
„Членот 54 од Законот за минерални суровини е јасен. Рокот за дозвола за експлоатација е четири години за металични суровини. Концесијата е од 2012, а рокот истекол во 2016. На 21 јули 2016, последниот законски ден, „Еуромакс“ поднеле барање за дозвола. Ова не се наши тврдења. Ова се нивни документи и вашите документи“, се наведува во дописот до јавноста и до институциите.
На заедничкиот состанок одржан во Струмица на 27 јуни 2026 година, организациите од Југоисточниот регион, но и од другите делови на државата, усвоиле резолутен став. Од Владата се бара во разумен рок, на владина седница, конечно да ја разреши ситуацијата со концесиите на компанијата „Еуромакс Ресурси“.
Активистите нагласуваат дека Владата мора да постапи согласно изразениот став на народот кој веќе една деценија се бори против, како што го нарекуваат, „рудникот на смртта“.
Според нив, извршната власт ги има на располагање сите правни основи, механизми и целосната јавна поддршка за да стави крај на проектот кој, според нивните тврдења, ја загрозува не само Струмичката Котлина, туку и целата држава.
Доколку институциите не постапат по нивното барање, еколошките здруженија најавуваат радикализација на борбата.
„Во спротивно, во догледен рок, ќе повикаме на сеопшт, сееколошки и сеграѓански отпор генерално против рудниците на смртта и другите облици на загрозување на природата, околината и здравјето. Ние немаме никакви други амбиции освен сопирање на погубниот проект“, предупредуваат активистите.
Тие упатија и апел до сите останати еколошки и граѓански организации во државата, како и до граѓаните, да се солидаризираат со нивното барање, надминувајќи ги политичките и партиските поделби. Од Владата, пак, очекуваат „здрав разум и конечна одлука во полза на јавниот интерес и иднината на поколенијата“.
Потписници на заедничкото барање се:
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

