29 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Откако Уставниот суд ја укина одлуката од 2007 година за преименување на дел од улиците и централниот плоштад во Тетово, со што се вратија нивните стари називи, Општината веќе започнала нова, законски усогласена процедура за нивно повторно преименување. Ова денеска го најави вицепремиерот за европски прашања, Беким Сали.
Според вицепремиерот Сали, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Вреди“, одлуката пред речиси две децении била донесена на „ноншалантен начин“, без да се испочитуваат неопходните законски норми кои бараат координација со централната власт.
„Одлуката за менување на имињата на улиците во Тетово од 2007 година е донесена само од страна на советниците. Процедурата не е запазена, односно не е испочитуван законот кој вели дека за таа листа на имиња треба да има одобрение од страна на Владата. Во тоа време листата не е одобрена од Владата и де факто и де јуре процедурата не била испочитувана,“ појасни Сали пред настанот по повод две години од работењето на „Вреди“ како дел од владината коалиција.
Тој потенцираше дека градот Тетово сега има започнато нова процедура која ќе биде целосно во согласност со актуелните прописи и закони. Според него, промената ќе биде во интерес на граѓаните и за почитување на благосостојбата во Тетово, при што постапката овојпат строго ќе се запази.
Изјавата на Сали доаѓа како реакција на протестите одржани пред два дена во Тетово, на кои граѓани изразија револт против одлуката на Уставниот суд. Сали овие протести ги оцени како исклучиво политички мотивирани од страна на ДУИ.
На протестниот марш, присутните вееја албански знамиња и, иако немаше официјални јавни обраќања, демонстрантите извикуваа пароли:
За време на протестот, на зградата на Општината беа залепени налепници со имињата на улиците. Со укинувањето на спорната одлука, централниот плоштад кој во 2007 година беше преименуван во „Илирија“, законски го врати старото име „Маршал Тито“.
На седницата одржана на 17 јуни, Уставниот суд пресече дека одлуката донесена во времето кога градоначалник на Тетово беше Хазби Лика (ДУИ), е незаконска и противуставна.
Во образложението на Судот се наведува дека е прекршен член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти. Овој член стриктно наложува дека за донесување одлука за промена на имињата е потребна претходна согласност од Владата.
Бидејќи Општина Тетово во 2007 година постапила без ваква согласност, Уставниот суд утврди дека е повредено начелото на владеење на правото, загарантирано со член 8 и член 51 од Уставот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

